Поддршката за германскиот канцелар Фридрих Мерц падна на историски минимум, при што само 11 проценти од испитаниците се задоволни од работата на лидерот на конзервативната Христијанско демократска унија (ЦДУ), а дури 88 проценти од граѓаните се незадоволни, покажуваат резултатите од најновото истражување на агенцијата Форса.
Незадоволството се зголеми за два процентни поени во споредба со минатата недела. Ова е најниската оценка забележана за еден германски канцелар во историјата на овие мерења.
Ова го надминува и претходниот негативен рекорд од 23 проценти, поставен во 2024 година од претходникот на Мерц, Олаф Шолц.
Незадоволство се забележува и во рамките на неговиот конзервативен блок, каде што 60 проценти од поддржувачите се незадоволни од работата на канцеларот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Меѓу гласачите на коалицискиот партнер, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), незадоволството е уште поизразено. 86 проценти од нив се незадоволни, а само 13 проценти се задоволни од канцеларот.
AФД е сè уште водечка партија
Во исто време, рејтингот на партиите остана непроменет. Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) продолжува да води со 26 отсто поддршка, пет процентни поени пред блокот на ЦДУ, кој има 21 процент.
Следат Зелените со 16 проценти, СПД со 13 и Левицата со 11 отсто. Либералната Слободна демократска партија (ФДП) со четири проценти поддршка останува под изборниот праг од пет отсто за влез во Парламентот.

