Федерален суд во Њујорк во вторникот го прогласи кинескиот технолошки гигант „Huawei Technologies“ за виновен за заговор за кражба на деловни тајни и за банкарска измама. Делата датираат од периодот кога компанијата прераснуваше во еден од најголемите светски добавувачи на опрема за безжични телекомуникациски мрежи.
Поротата ја ослободи компанијата од најсериозното обвинение – учество во криминален заговор со цел изнуда, односно рекетирање – пренесува АП.
„Huawei“ исто така беше обвинет за водење деловни активности во земји кои се под американски санкции, вклучувајќи ги Иран и Северна Кореја, како и за давање лажни изјави пред американски владини претставници и банки, со цел прикривање на своите незаконски активности.
Адвокатите на компанијата изјавија дека американските истражители искористиле изолирани инциденти – предизвикани од само неколку поединци меѓу повеќе од 200.000 вработени во „Huawei“ – за да конструираат лажен наратив за голем заговор кој, всушност, никогаш не постоел.
Адвокатот на „Huawei“, Брајан Хеберлиг, изјави дека компанијата планира да поднесе жалба на пресудата, додавајќи дека ослободувањето од обвинението за заговор за изнуда служи како доказ за нејзината невиност. Во својата завршна реч пред поротата, адвокатот на „Huawei“ наведе дека обвинителството се потпирало на „инсинуации и факти извадени од контекст“, како и на сведочења на поранешни вработени кои имале „лични сметки за расчистување“ со компанијата.
Тој истакна дека, низ годините, „Huawei“ има исплатено милијарди долари за надоместоци за лиценци – од кои 75 отсто завршиле кај американски компании – и дека фирмата издавала предупредувања или ги отпуштала вработените за кои било утврдено дека сториле прекршоци.
По прогласувањето за виновна, компанијата се соочува со потенцијални парични казни во износ од милијарди долари.
Во обвинението против „Huawei“ се тврди дека компанијата спроведувала долготрајна практика на „директна кражба на технологија“.
Според обвинителите, „Huawei“ во еден случај продавал интернет-рутери што содржеле изворен код преземен од конкуренти; Во друг случај, според обвинението, вработен во „Huawei“ „се провлекол на штандот на еден конкурент на саем во Чикаго, за тајно да ги фотографира електронските кола во еден од мрежните уреди на таа компанија“.
Обвинителите исто така наведоа дека вработен во „Huawei“ зел роботска рака од лабораторијата на конкурент, со цел таа да биде фотографирана и измерена.
Според судските списи, меѓу оштетените компании се „Cisco Systems“, „Motorola Solutions“, „T-Mobile“, „Quintel USA“ и „Fujitsu“. „Тониот го дадоа луѓето од самиот врв – раководители и директори во ’Huawei‘ – кои и самите учествуваа во кривични дела, како што се лажење пред Конгресот, доведување банки во заблуда, кршење на американските санкции и обиди за попречување на самата кривична истрага што доведе до овој случај“, изјави обвинителката Мередит Арфа пред поротата за време на судењето.
Ниту еден поединечен раководител или вработен во компанијата не беше изведен пред суд, иако во еден момент обвинителите поднесоа кривична пријава против главниот финансиски директор на „Huawei“, Менг Ванжу, обвинувајќи ја дека ја довела во заблуда банката „HSBC“ во врска со деловните активности на компанијата во Иран.
Менг Ванжу, ќерката на основачот на „Huawei“, беше уапсена во Канада во 2018 година, но ѝ беше дозволено да се врати во Кина во 2021 година, како дел од размена на затвореници со која беше овозможено ослободување на двајца Канаѓани што биле во притвор во Кина.
Како дел од тој договор, САД ги запреа правните постапки против неа.
На почетокот на 2019 година, САД поднесоа кривични пријави против „Huawei“, а подоцна ги проширија наводите во обвинението.
Кинеските власти изјавија дека САД спроведуваат „економско малтретирање“ и неоправдано ја користат националната безбедност како изговор за вршење притисок врз кинеските компании.
Американски суд го прогласи „Huawei“ за виновен за заговор за кражба на деловни тајни

