Вчера вечер, во Салон Фоаје 2 при НУЦК ,,Бели мугри”- Кочани, беше отворена изложба на дела од богатата институционална збирка, изложба која воедно го обединува творештво на едни од најзначите имиња кои се појавуваат на македонската ликовна сцена, како: Катја Ефтимова, Ана Темкова, Драган Биков, Васко Ташковски, Стеван Василевски, Илија Зуфа, Боро Митриќески, Глигор Беќаров, Таки Павловски, Момчило Аврамовски, Павле Кузмановски, Ставре Аврамовски, Петар Георгиевски, Данка Петровска, Борис Барутовски, Александар Ристески, Крсте Мартиновски, Пецо Видимче и многу други.
,, Да се чува, негува и валоризира децениски присутното, национално уметничко богатство, претставува интегрален чекор во зачувувањето на идентитетот на еден народ, мапирајќи ја и верификувајќи ја неговата генеза. Институционализацијата на уметноста го опфаќа процесот преку кој нејзиното создавање, вреднување и дефиниција стануваат регулирани, валидирани и управувани од воспоставени културно-општествени структури. Одовде, институционалните колекции во уметноста се темелот на зачувувањето, вреднувањето и официјално признание на културното наследство и неговата естетска, историска и културна вредност. Овој избор од плејадата уметници, меѓу кои, дел од нив и доајени на македонската ликовна сцена, претставува вистински пресек на локалниот и пред сѐ- национален ликовен сензибилитет, интенциозно ткаен низ годините пред и по почетокот на новиот милениум, дел од особено значење за духовниот и институционален напредок на НУЦК ,,Бели мугри“ – Кочани. Преку внимателно селектирани дела, овој проект претставува пресек на речиси шестдецениската културно-уметничка, творечка и пред сѐ- галериска дејност, активна во рамките на оваа институција, која нуди премостување преку различни медиуми, техники и идејни светови, вклучувајќи дела од клучните модернистички правци- од експресионистичкиот бунт на бои, преку кубистичкото распарчување на просторот и формата, па сѐ до радикалната слобода на чистата апстракција. Одовде, неминовно е да се спомене фактот дека ова се дела создавани во време на големи општествени превирања и промени кои изразито ја претставуваат улогата на современиот човек присутен како единка во турбуленциите на новото време. Во срцето на оваа кураторска нарација е судирот и синергијата меѓу авторите свртени кон интроспективното истражување на чувството истражувајќи ја меморијата, идентитетот и внатрешните емоционални пејзажи, истовремено рефлективно одговарајќи на прашања поврзани со надворешните општествени превирања и урбано живеење. Од апстрактни форми кои комуницираат преку чиста боја и текстура па сѐ до фигуративни наративи со силно ангажирана порака, изложбата нуди широк спектар на толкувања, спојувајќи го апстрактниот лирицизам, органската флуидност на формата и експресивната ,,избувливост“ на линијата и бојата. ” – Ангела Витановска, автор на освртот и куратор на изложбата

