Казна затвор до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување предвидува новиот Кривичен законик којшто денес беше ставен на разгледување на првата од вкупно четирите јавни раправи што се планираат.
Министерот за правда Јетон Шасивари смета дека со овој целосно нов Кривичен законик ќе се постават темелите на современ, ефикасен и европски усогласен казненоправен систем и ќе се обезбеди посилна правна сигурност со што ќе се зајакне и довербата на граѓаните во правосудството.
Јавната функција не е привилегија. Таа е одговорност. Јавните средства не се ничија лична сопственост. Тие се средства на граѓаните и мора да бидат заштитени, рече Шасивари.
Потсетувајќи дека постојниот Кривичен законик е донесен во 1996 година, тој посочи оти во изминатите 30 години се појавиле нови форми на организиран и финансиски криминал, корупција, злоупотреби во јавниот сектор и сајбер-криминал, додека бројните измени и посебните закони ја усложниле законската материја.
Затоа не ни беше потребна уште една парцијална измена или уште едно привремено решение, ни беше потребен нов и современ Кривичен законик, нагласи Шасивари.
Четирите клучни новини во законот се систематизација и кодификација на кривичните дела во еден законик, модернизација и суштинско усогласување со европските и меѓународните стандарди, унапредување на системот на кривични дела и казни според нивната тежина, како и посебен фокус на борбата против корупцијата и криминалот поврзан со располагањето со јавните средства.
Според министерот, пропишаните санкции мора да бидат применливи и во практика.

