Денеска во Брисел започнува дводневен самит на лидерите на Европската унија, на кој ќе се разговара за повеќегодишниот буџет на Унијата за периодот 2028–2034 година, чија вредност изнесува речиси 1,6 трилиони евра.
Постигнувањето договор за планот за трошење за периодот 2028–2034 година претставува тест за европското единство, носи голем политички влог за сите 27 земји-членки на ЕУ и вклучува судир меѓу спротивставени национални интереси, како и можност за употреба на правото на вето.
Се очекува лидерите на самитот да разговараат за вкупниот обем на трошењето, конкретните области за инвестирање и изворите на финансирање, пренесува бриселскиот медиум Reporter.
Според извештаите, лидерите ќе дебатираат и за распределбата на средствата меѓу различни политички области – при што ќе ги одмерат традиционалните сектори, како што се субвенциите во земјоделството и поддршката за најсиромашните региони во Европа, наспроти „новите приоритети“ како што се конкурентноста и безбедноста.
Понатаму, на маса се и предлози за нови даноци на ниво на целата ЕУ – прашање што е спорно за многу влади. Овие даноци се наменети за финансирање на расходите и за отплата на заедничкиот долг, за кој се предвидува дека следната година ќе достигне еден трилион евра.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека лидерите на ЕУ имаат одговорност да постигнат избалансиран договор – таков што ќе ѝ овозможи на Европската унија да се справи со предизвиците преку зголемување на конкурентноста, зајакнување на безбедноста и одбраната, како и проектирање на влијанието на Европа на глобалната сцена. Тој наведе три клучни цели за самитот: постигнување избалансирана распределба на средствата според стратешките приоритети на ЕУ, задржување на националните придонеси во разумни граници и вклучување пет нови извори на приходи за ЕУ – кои би потекнувале од области како што се дигиталните услуги, електронскиот отпад што не се рециклира и производите поврзани со тутунот. На самитот, исто така, ќе стане збор за континуираното финансирање на Украина, при што дополнителни 45 милијарди евра се веќе предвидени за 2027 година – како надополнување на пакетот кредитна поддршка од ЕУ за Украина во износ од 90 милијарди евра, кој ги опфаќа 2026 и 2027 година.
Друга тема на дневениот ред е новото раководство на Европската централна банка (ЕЦБ), поточно процесот на именување на нов претседател и двајца членови на Извршниот одбор на ЕЦБ.
Се смета дека европските лидери најверојатно ќе го поддржат шпанскиот кандидат, Пабло Ернандез де Кос – кој моментално е на чело на Банката за меѓународни порамнувања – да ја замени Кристин Лагард на чело на ЕЦБ.
Конечната одлука на лидерите на ЕУ во врска со буџетот се очекува да биде донесена за време на самитот на 17 и 18 декември.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат за долгорочниот буџет на Унијата до 2034 година

