Германскиот синдикат „Верди“ (Verdi) ги повика вработените во 11 логистички центри на „Амазон“ низ земјата да стапат во штрајк на „Црниот петок“ – ден кога се очекува голем интерес од купувачите поради попустите и распродажбите.
Како што пренесува „Дер Шпигел“ (Der Spiegel), утре ќе се одржат предупредувачки штрајкови во центрите на „Амазон“ во Лајпциг, Бад Херсфелд, Дортмунд, Верне, Рајнберг, Менхенгладбах, Франкентал, Гера, Грабен, Кобленц и Ахим.
„Верди“ бара „Амазон“ да ги признае колективните договори што важат за германскиот сектор за трговија на мало и да склучи посебен договор со вработените, со цел да се гарантираат подобри и поздрави услови за работа.
Од синдикатот наведуваат дека платите на работниците честопати се недоволни за пристоен животен стандард, а исто така укажуваат на проблеми како што се физичкиот напор, монотоните задачи и надзорот врз вработените преку дигитални системи кои ги следат нивните активности.
„И покрај силниот притисок и заплашувањето, вработените во ’Амазон‘ штрајкуваат за да издејствуваат признавање на колективните договори“, изјави Силке Цимер, член на федералниот извршен одбор на „Верди“, одговорна за секторот за трговија на мало.
Синдикатот упатува посебни критики кон системот за дигитално следење, истакнувајќи дека околу 40.000 вработени во „Амазон“ во Германија се под надзор во секој чекор од работниот процес. Од друга страна, „Амазон“ наведува дека редовно ги зголемува платите на работниците во Германија и дека просечната почетна саатница изнесува 16,66 евра, додавајќи дека повеќе од половината од вработените се дел од компанијата веќе подолго од пет години.
Штрајкот во Германија е дел од меѓународна синдикална кампања наречена „Натерајте го ’Амазон‘ да плати“ (Make Amazon Pay), чија цел е подобрување на положбата на вработените во оваа американска компанија ширум светот.
Синдикатот „Верди“ повикува на штрајк во 11 центри на „Амазон“ во Германија на „Црниот петок“

