Норвешката авиокомпанија „Norse Atlantic“ денеска ги прекина сите летови и укажа на можноста за банкрот поради тешката финансиска состојба, откако цената на нејзините акции на Берзата во Осло падна за 85% во текот на еден ден.
Раководството на компанијата соопшти дека се обидува да обезбеди краткорочни средства за да ја одржи ликвидноста, пренесува CNBC.
Доколку не успее итно да пронајде извор на финансирање, компанијата планира да поднесе барање за банкрот, при што предупредува дека постигнувањето одржливо решение останува неизвесно.
Еден ден претходно, компанијата предупреди дека нејзината финансиска состојба е критична и зависи од обезбедувањето дополнителен капитал за краткорочно работење.
Во исто време, „Norse Atlantic“ води разговори со потенцијални партнери за можно стратешко преземање, како и за краткорочно финансирање.
Авиокомпанијата, со седиште во Арендал, уште во мај отпушти 75 вработени како дел од планот за намалување на трошоците во вредност од 50 милиони долари.
Во текот на оваа година, компанијата исто така го намали обемот на своето работење поради долготрајниот период на високи цени на авионското гориво.
Норвешката авиокомпанија „Norse Atlantic“ ги прекина сите летови и се соочува со можен банкрот

