Амбицијата на Роберта Мецола за добивање трет мандат како претседателка на Европскиот парламент е доведена во прашање, откако разговорите меѓу проевропските политички групи кои ја поддржуваат се ставени во мирување на неодредено време, тврди бриселскиот портал „Репортер“.
Преговорите се во застој откако конзервативната Европска народна партија (ЕПП), на која и припаѓа и Мецола, одби да потпише формална писмена обврска дека во иднина нема да гласа заедно со евроскептични, националистички или екстремно десничарски пратеници.
Според извори во ЕП, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) вршеле притисок врз ЕПП за склучување писмен коалициски договор, како услов за да ја поддржат Роберта Мецола за уште еден мандат.
Односите меѓу досегашното проевропско мнозинство во Парламентот составено од ЕПП, СД и РЕ се сериозно разнишани, откако претходно оваа недела пропаднаа преговорите за пакетот на ЕУ за животната средина, по што предлогот подоцна беше усвоен од страна на ЕПП со подршка на пратениците од екстремната десница.
„Сите преговори за договор се ставени во мирување до понатамошно известување“, изјави претставник на РЕ, додавајќи дека либералите имаат усогласен став со СД по овие прашања.
Трите групи по последните европски избори во 2024 година постигнаа договор за распределба на високите функции во Парламентот – претседателот и потпретседателите на ЕП, како и на претседатели на парламентарните комитетите. Нивниот мандат е од 2,5 години и во јануари 2027 треба да следи нивни реизбор или избор на нови кандидати.
По прекинот на преговорите иднината на Мецола станува неизвесна. Доколку биде реизбрана, Мецола ќе добие трет последователен мандат на оваа функција, што досега не му успеало на ниту еден пртседател на Европскиот парламент.
Претходно беше најавено дека во текот на оваа недела ЕПП официјално ќе ја објави кандидатурата на Мецола, но се повлече од таквата намера по најновиот развој на настаните.
Лидерите на СД, Ираче Гарсија и на РЕ, Валери Аје во вторникот имаа вечераа со двајца од потпретседателите на Европската комисија, либералот Стефан Сежурне и социјалдемократката Тереза Рибера. Средбата се одржа во необичен формат, со цел да се разговара за тековните коалициски преговори.
СД и РЕ најавија ќе се вратат на преговорите само доколку добијат гаранции „дека еднаш засекогаш ќе се спречи ваквото однесување во однос на политичките досиеја“, мислејќи притоа на гласањата, изјави во средата парламентарен извор запознаен со ситуацијата.
Портпаролот на претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, не сакаше да ги коментира случувањата.
Но, промената на ставот на ЕПП во однос на сојузите наиде на одобрување од спротивната страна на парламентарната сала.
„Ако ЕПП навистина сака да ја намали бирократијата и да испорача реални резултати за Европејците, тогаш уште од самиот почеток требаше да преговара со Патриотите“, се вели во соопштението на екстремно десничарската група „Патриоти за Европа“, предводена од Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен и Фидес на Виктор Орбан.

