Синдикалната кошничка не претставува минимална синдикална кошничка, туку посакувана потрошувачка за едно четиричлено семејство, додека во пресметките на Министерството за економија и труд не е вклучен трошокот за кирија, бидејќи над 90 проценти од граѓаните живеат во сопствени домови. Ова денеска го изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, објаснувајќи ги разликите меѓу владината и синдикалната кошничка.
Одговарајќи на новинарско прашање, Дурмиши рече дека и самите автори на синдикалната кошничка посочиле оти таа не е минимална, туку покажува колку би требало да троши едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите потреби.
Тој објасни дека Министерството при изработката на просечната потрошувачка кошничка користи релевантни податоци од надлежните институции, со цел да ги прикаже просечните месечни трошоци на едно четиричлено семејство.
Како една од причините за разликите ги посочи различниот опфат на производи и услуги, наведувајќи дека во синдикалната кошничка се вклучени и тутун, алкохол и одредени прехранбени производи.
„Ние имаме ставено над 100 производи, еве и минатиот месец, нели, нашата се зголемуваше за 900 денари, а нивната за 400 денари, поради тоа што ние имаме повеќе производи ставено во нашата потрошувачка кошничка, односно во владината потрошувачка кошничка, која е релевантна и достапна за сите граѓани“, изјави Дурмиши.
Тој ја посочи и методолошката разлика во пресметката на трошоците за домување. Според него, владината кошничка не вклучува кирија затоа што, според статистичките податоци на кои се повикува Министерството, повеќе од 90 проценти од граѓаните живеат во сопствени домови, додека синдикалната пресметка предвидува и трошок за изнајмување стан.
Разликите доаѓаат до израз и во последните објавени податоци. Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошничка за ноември достигнала 70.827 денари, што е за 469 денари повеќе во споредба со октомври, кога изнесувала 70.358 денари.
Доколку во пресметката се вклучи и изнајмување стан од 60 квадратни метри, синдикалната кошничка достигнува 86.202 денари. Од оваа сума, 21.754 денари се предвидени за станарина, вода, електрична енергија и греење.
Од друга страна, просечната потрошувачка кошничка на Министерството за економија и труд во октомври изнесувала 59.149 денари, што е зголемување за 942 денари или 1,6 проценти во однос на септември.
Според претходните информации од Министерството, најголем раст на трошоците бил забележан кај храната и пијалаците, особено кај зеленчукот и овошјето, а зголемување имало и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата и културата, како и кај електричната енергија, гасот и другите горива.
Така, разликата меѓу двете пресметки за октомври изнесувала 11.209 денари, додека синдикалната кошничка за ноември дополнително се зголемила.
Споредбата на двете кошнички повторно го отвора прашањето за методологијата со која се пресметуваат трошоците за живот и за тоа колкав месечен приход му е потребен на едно четиричлено семејство за да ги покрие основните потреби.

