Индиската полиција во сојузната држава Мадја Прадеш отвори истрага откако преку интернет-системот за регистрација на медицински сестри бил издаден дигитален сертификат на име „Магаре СРМС-МП“. Случајот ја отвори дилемата за безбедноста и проверката на податоците во системот за издавање документи за една од најодговорните професии во здравството, објави индиската новинска агенција ПТИ.
Рави Пармар, заменик-претседател на Националниот студентски сојуз на Индија во сојузната држава, дал исказ во полиција за случајот. Тој се појавил во полициската станица заедно со Акшај Томар, претседател на студентската организација во округот Бопал, откако добил полициска покана. Притоа доставил документи и дигитални докази поврзани со случајот.
Пармар објаснил дека сакал да ја тестира интернет-платформата за регистрација на медицински сестри, па поднел барање во име на магаре. Како име на таткото навел „Тато Магаре“, за мајката „Мама Магаре“, а во полето за етничка припадност внесол „Животно“.
„Секој што ќе се најде таму може да добие толку важен документ, бидејќи кандидатите не подлежат на проверка“, изјавил Пармар, доведувајќи ја во прашање сигурноста на системот за регистрација на здравствени работници.
Порталот го прифатил барањето и уплатата од 2.050 рупии, по што на 25 септември бил издаден дигитален сертификат за регистрација како медицинска сестра. Документот со број на барање RG26103957 и регистрациски броеви AI-74561 и DII-73911 има рок на важност до 24 септември 2031 година.
Пармар изјавил дека на 1 октомври поднел пријава во полиција, откако го открил пропустот. Тој нагласил дека немал намера да добие лажна професионална регистрација, туку сакал да го привлече вниманието на надлежните институции кон недостатоците во системот.
Полицискиот инспектор Рагхвендра Синг Сикарвар изјавил дека, по земањето исказ од Пармар, полицијата го известила Советот за регистрација на медицински сестри во Мадја Прадеш.
„Ќе собереме докази и ќе постапиме согласно законот“, изјавил инспекторот.
Според Пармар, досега ниту еден претставник на Советот не се појавил во полиција.
Националниот студентски сојуз на Индија побарал техничка експертиза на целиот процес на регистрација, како и проверка на одговорноста на службените лица, вработените во Советот и техничката компанија задолжена за одржување на интернет-порталот.

