Едно од најгорливите прашања за младите брачни парови е како да дојдат до свој стан. Проблемот е и во фокусот на Владата, која бара решение за ова прашање. Се најавија две законски решениија со кои за младите брачни парови до 35 години цената на становите треба да биде за 20 насто пониска од просечната пазарна цена, а градењето куќа треба да биде без да се плаќаат комуналии. Овие мерки се дел и од демографската политика со која се поддржуваат семејствата, наталитетот и се задржуваат младите, објави „Пари“.
Во досегашните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, тој објасни дека во законот ќе биде регулирано сè, а репер ќе биде цената од претходната година за таа катастарска општина во којашто се продавале станови.
„Ќе го извадиме просекот и врз основа на тој просек ќе има попуст од 20 насто“, рече премиерот.
Симулација на попустот
Врз основа на објавените податоци за просечните цени по квадратен метар за становите, објавени од Регистарот на цени и закупнини за периодот 01.07.2026 – 30.09.2026 година, „Пари“ направи симулација колку би биле новите, 20 насто поевтини цени за младите брачни парови.
Веројатно, додека се усвои регулативата, попустот ќе се пресметува врз основа на просечните цени од 2026 година, па затоа и премиерот најави дека ќе ги почека податоците од Катастарот за последниот квартал, за да се соопштат новите цени за брачните двојки.
Но, колку за илустрација што може да се очекува, ги зедовме најсвежите податоци за периодот јули – септември.
Катастарот објави просечни цени на квадратен метар за нови станови во пет скопски општини и за два града со напомена дека се дава податок за оние општини за кои има доволен број трансакции за да се даде просечна цена.
Од податоците што ги има, може да видиме дека освен за центарот на Скопје, ова намалување на цените ќе ги врати на околу 1.000 евра по метар квадратен за станбен простор во повеќе општини.
Во Општина Центар, новата просечна цена за младите би била 98.018 денари за квадратен метар, или околу 1.600 евра, во Карпош 73.404 денари, или околу 1.200 евра, во Кисела Вода веќе би можел да се купи стан по цена од 1.100 евра за квадратен метар, во Гази Баба за околу 1.000 евра, а во Аеродром и сега просечната цена е поумерена и изнесува 73.313 денари. Кога сега би имало готов закон за попустот од 20 насто за младите, тие би го купиле за 58.650 денари, односно под 1.000 евра за метар квадратен.

Од другите градови, во анализата на Катастарот е опфатена само Струмица, а тамошните млади би можеле многу полесно да дојдат до стан, по цена од 600 евра за квадратен метар.
Според Катастарот, во третиот квартал продадени се 878 станови, а во тек е изградба на 28.979 станови (со листови за предбележување на градба).
Продадени се станови со вкупна површина од 150.454 метри квадратни, а вкупната цена е 9.866.133.077 денари. Значи, просечната цена на квадратен метар на стан, без оглед на локацијата, е 65.575 денари, или 1.066 евра. Со попуст, државниот просек на новопродадени станови би се свел на 800 евра.
Ќе ги почитуваат ли градежниците овие цени?
Ако сакаат градежните компании да добијат дозвола за градба, ќе мора да издвојат најмалку 10 насто од станбените единици за млади семејства. Ова во законско решение го најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој беше конкретен дека Владата нема да ја субвенционира цената до пазарната, затоа што е доволно висока, а градежните компании остваруваат доволно високи профити.
„Нема потреба да има субвенција, доволно остваруваа профит од 3.000 евра по квадрат во Скопје“, рече Мицкоски.
Од Градежната комора при Сојузот на стопански комори изјавија дека ја поддржуваат целта младите брачни парови полесно да дојдат до свој дом, но дека бараат издржана анализа за тоа како да се стигне до целта.
„Предлагаме Владата и Комората заеднички да утврдат одржлив модел: јасни критериуми за корисниците, проверлив начин за утврдување на пазарната цена и прецизни правила за проектите што се веќе започнати. Подготвени сме активно да учествуваме во изработката на решението. Целта треба да биде реално подостапен стан за младите, без нови неизвесности за купувачите и изградбата“, велат од Градежната комора.
Колку може да помогне ослободувањето од комуналии за куќа?
Покрај поволноста за купување стан, Владата најави и ослободување од плаќање комуналии за младите брачни парови до 35 години коишто ќе одлучат да градат куќа. Комуналиите, односно надоместокот за уредување на градежното земјиште, ги утврдуваат општините со свои одлуки, па висината зависи од локацијата, зоната и површината на објектот. Оттука, за да се реализира најавената мерка, со закон ќе треба да се прецизира дали ослободувањето ќе важи за целиот надоместок што го наплаќаат општините и како ќе се надомести евентуалниот приход што би го изгубиле.
Според информации на ТВ Алфа, надоместокот за уредување градежно земјиште во центарот на Скопје може да изнесува и до 15 илјади евра за 100 метри квадратни изградена површина. Во урбаните делови на Ѓорче Петров, Кисела Вода и Бутел надоместокот изнесува околу 8 илјади евра, а во руралните делови до 5 илјади евра. Надоместокот е околу илјада евра во најмалите градови, 5 илјади евра во Штип и Прилеп, до 9 илјади евра во урбаниот дел на Охрид. Во руралните средини во внатрешноста, сумата е од 500 до 1.200 евра.
Во однос на најавеното ослободување од комуналии за млади брачни парови, Град Скопје веќе најави таква мерка. На 5 ноември 2026 година беше објавено дека Град Скопје донел мерка за ослободување од својот дел од комуналиите за млади брачни парови и самохрани родители што градат куќа.
Но, ослободувањето се однесува на 60 насто од вкупниот надоместок, колку што му припаѓаат на Град Скопје. Останатите 40 насто ги наплаќа општината на чија територија се гради куќата.
Премиерот Мицкоски рече дека дел од градоначалниците веќе му се јавиле со предлози за дополнително олеснување на пристапот до сопствен дом. Некои од нив го информирале дека располагаат со земјиште од неколку хектари што би можело да се урбанизира и парцелизира, а потоа да им се понуди на младите брачни парови по цена од едно евро.

