Од 1 декември почнува примената на новите правила за отворање и продолжување на боледувањата, со кои се прецизираат надлежностите на матичните лекари и лекарските комисии. Од Фондот за здравствено осигурување уверуваат дека не се ограничува правото на боледување кога постои медицинска потреба, а директорот Златко Перински во повеќе наврати повторува дека петтиот ден не значи дека пациентот мора да се врати на работа, туку дека од тогаш ќе се применуваат дополнителни медицински критериуми.
Новите правила се предвидени со Правилникот за утврдување привремена спреченост за работа на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), објавен во „Службен весник“. Со нив се уредува постапката за отворање и продолжување на боледувањата, како и оценувањето на медицинската документација.
Според објаснувањето на ФЗОМ, избраниот лекар и понатаму ќе биде надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, додека за подолг период ќе одлучува лекарска комисија на Фондот.
Што се менува при продолжување на боледувањето?
Според известувањата што матичните лекари им ги доставуваат на пациентите, до пет дена боледувањето го одобрува матичниот лекар, додека за подолг период се потребни соодветни дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за боледување и неговото времетраење. За боледување подолго од 15 дена е потребно одобрување од лекарска комисија на ФЗОМ.
Боледувањето се отвора од денот на прегледот или од наредниот ден, а ретроактивно може да се утврди најмногу еден ден наназад во оправдани случаи. Се затвора на последниот ден од одобрениот период или најдоцна еден ден подоцна.
За повторно отворање боледување поради иста дијагноза во период пократок од 30 дена е потребно претходно одобрување од лекарска комисија. По болничко лекување, ретроактивно продолжување е можно најмногу пет календарски дена, исто така со одобрение од комисијата.
Особено се прецизира постапката кога осигуреникот има потреба од континуирано боледување поради иста дијагноза или дијагноза од иста група. По истекот на претходно одобрениот период, матичниот лекар треба да го упати пациентот на лекарска комисија и да достави нов предлог за оценување на привремената спреченост за работа, со наведување на истиот прв ден на боледувањето.
„Поврзаноста на дијагнозите се утврдува врз основа на медицинска проценка, медицинската документација и соодветната класификација на болестите, а не врз основа на произволна административна оценка. На овој начин се обезбедува континуитет во медицинското оценување и доследна примена на критериумите, без да се доведе во прашање правото на осигуреникот на боледување кога за тоа постојат медицински оправдани причини“, велат од ФЗОМ.
Електронски извештаи и олеснувања за пациентите
Измените предвидуваат и административни олеснувања за осигурениците, меѓу кои електронско генерирање на извештајот за привремена спреченост за работа, со што треба да се намали потребата од дополнителни административни постапки.
Предвидено е попрецизно уредување и на случаите во кои не е неопходно лично присуство на осигуреникот, како што се неподвижноста, болничкото лекување и други предвидени исклучоци, како и појасни правила за ретроактивно утврдување боледување во медицински оправдани случаи.
Од ФЗОМ велат дека целта е попрецизно да се утврдат критериумите и постапките за оценување на медицинската документација, со истовремено зачувување на правото на боледување за сите осигуреници кај кои постои медицинска потреба.
Перински повеќепати уверува дека нема да се скратува боледувањето: „Клучната бројка е 15, а не пет“
Директорот на ФЗОМ, Златко Перински повеќепати ја повторува пораката дека новите правила не значат скратување на боледувањата и дека петтиот ден не е максималниот период на отсуство од работа.
„Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат“, вели Перински во неодамнешното интервју за „Република“.
Тој појаснува дека доколку пациентот има медицинска потреба, боледувањето може да трае 10, 20, 30 дена или подолго. Петтиот ден, според него, е моментот од кој, доколку отсуството продолжува, се применуваат дополнителни медицински критериуми.
„Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот“, посочува Перински.
Според него, по петтиот ден, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена, со потребната дијагностика или соодветна специјалистичка проценка.
Перински нагласува дека дополнителната дијагностика нема да биде задолжителна за секој пациент и секоја дијагноза. Кај дел од дијагнозите проценката ќе остане кај матичниот лекар, без задолжително лабораториско испитување.
„Не би сакал целата реформа да ја сведеме на споредбата „седум или пет дена“. Клучната бројка е 15 – и тука нема промена“, посочува директорот на ФЗОМ.
Тој вели дека измените се подготвувале во текот на цела година во работна група на Фондот и Министерството за здравство, а дел од постојните критериуми потекнуваат од 2012 година.
„Пораното дијагностицирање понекогаш може да значи и порано откривање на посериозна здравствена состојба. Нашата логика не е пациентот порано да го вратиме на работа. Логиката е, ако не се чувствува подобро, порано да утврдиме зошто не се чувствува подобро“, истакнува Перински.
Во однос на најавените контроли во домовите, Перински повторно уверува дека пациентите на боледување нема да мора постојано да бидат дома.
„Апсолутно не. Тоа би било и медицински нелогично“, вели тој, додавајќи дека контролата ќе треба да се поврзе со конкретната здравствена состојба и препораките од лекарот.
ФЗОМ лани исплатил 1,7 милијарди денари за боледувања, трошоците зголемени за речиси 23 отсто
Трошоците на Фондот за здравствено осигурување за исплата на боледувања во 2025 година достигнале 1 милијарда и 710 милиони денари, што е зголемување за 22,9 отсто во споредба со претходната година. Во 2024 година за оваа намена биле исплатени околу 1,39 милијарди денари, додека во 2023 година расходите изнесувале околу 1,17 милијарди денари, покажуваат податоците од Годишниот извештај на ФЗОМ за 2025 година.
Овие податоци се однесуваат на средствата што ги исплатил ФЗОМ, а не на вкупните трошоци за боледувања во државата. Според правилата за исплата, надоместокот за првите 30 дена отсуство од работа го исплаќа работодавачот, додека по истекот на овој период исплатата паѓа на товар на Фондот.
Според извештајот, ланските исплати биле повисоки за околу 318,7 милиони денари во однос на 2024 година. Истовремено, зголемен е и бројот на исплатени надоместоци за боледување.
Во 2025 година Фондот исплатил 24.545 надоместоци, што е за 4,5 отсто повеќе отколку во 2024 година. Од нив, 18.095 се однесувале на боледувања поради болест, 5.898 на нега на член на семејството, а 552 на повреди на работа и професионални заболувања.
Перински при презентацијата на измените во септември изјави дека ФЗО за 2026 година во рамките на својот буџет има предвидено 6 милијарди 454 милиони денари средства, што се наменети за боледувања и породилни отсуства. Тоа, како што рече, е значителна сума и во таа насока мораме да се затегне системот на контрола.

