Либерално-демократската партија денеска ќе одлучува кој ќе ја преземе претседателската функција, а на нејзиното Деветто либерално-демократско собрание во Скопје се најавени и политички претставници од повеќе европски земји. На собирот, што ќе се одржи под мотото „Напред, либералдемократи!“, ќе присуствуваат 13 меѓународни гости, меѓу кои пратеници, партиски лидери и претставници на европски политички организации.
Собранието ќе се одржи со почеток во 11:40 часот, во хотелот „Александар палас“. На свеченото отворање ќе се обрати актуелната претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, која ќе зборува за досегашната работа на партијата и за иницијативите за заштита од семејно насилство и поголема отчетност на носителите на јавни функции.
Со видеопораки ќе се обратат тројца европратеници, меѓу кои Свења Хан, претседателка на АЛДЕ, Малик Азмани од Холандија и Ирена Јовева од Словенија.
Меѓу најавените гости се Дејвид Чалмерс од британските Либерални демократи, Кинче Силаш, претседателка на унгарската партија Моментум, Маријана Пуљак, пратеничка во Хрватскиот сабор и претседателка на партијата Центар, Јоана Павел од АЛДЕ и Балинт Ѓеваи од Европскиот либерален форум.
Од Црна Гора ќе присуствуваат Есад Шаиновиќ, генерален секретар на Либералната партија, Амар Боранчиќ, заменик-градоначалник на Бар и потпретседател на партијата, како и Миодраг Влаховиќ, поранешен министер за надворешни работи.
Од Србија се најавени Арис Мовсесијан од Движењето на слободни граѓани и Андреа Беседеш Наѓ, пратеничка во српскиот парламент.
Косово ќе го претставуваат Елиза Хоџа, пратеничка и меѓународна секретарка на Демократската партија на Косово, Бернард Никај, генерален секретар на ЛИБСЕЕН и поранешен министер во Владата на Косово, и Бесиана Мусмурати, заменик-градоначалничка на Приштина.

