Премиерот Христијан Мицкоски вечерва објави фотографија со вршителот на должноста претседател на Србија и претседател на српското Собрание, Александар Чупиќ, од неформалната вечера на лидерите учесници во Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Мицкоски на Фејсбук објави дека присуствувал на вечерата организирана од претседателката, заедно со претседателите на државите учеснички во регионалната иницијатива.
„Вечерва присуствував на неформална вечера во организација на претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, со претседателите на државите, учесници во Процесот Брдо-Бриони“, напиша премиерот.

Тој посочи дека во фокусот на разговорите биле регионалната соработка, добрососедските односи, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан.
„Дијалогот, меѓусебната доверба и заедничката посветеност се клучни за изградба на стабилен, просперитетен и европски регион“, објави Мицкоски.
На вечерата присуствувал и Чупиќ, кој во Охрид допатува во својство на претседател на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на Република Србија.
Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони продолжува утре, кога е предвидена пленарна средба, како и билатерални разговори. Коорганизатори на настанот се претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста.

