Утре вечер 27 / 11 / 2026, петок, во 19 часот, во Музејот на современа уметност- Скопје, во рамки на проектот: „Почеток после крајот: Визуелната култура на немирот, 1900-2026“, ќе биде одржан дискурзивен настан – разговор со реномираниот уметник и теоретичар на културата од Белград, д-р Владан Јеремиќ. Разговорот ќе го води Владимир Јанчевски, кураторот на изложбата.
Во разговорот, ќе стане збор за теми со кои Јеремиќ се занимава долги години: наследството на уметничките авангарди, визуелната култура на немирот, политичката сатира, фотомонтажите на Џон Хартфилд и придонесот на меѓувоената генерација уметници. Современиот контекст во кој се дефинира и анализира општествената улога на уметничките практики, ќе биде разгледан низ рамката на култната „Теорија на авнагардата“ на Питер Биргер, со осврт и на дела од автори застапени на изложбата „Почеток после крајот“, како тие на Групата ОПА, Армандо Лулај, Немања Цвијановиќ, Томато Кошир и други. Разговорот ќе се води на македонски и српски јазик.
Д-р Владан Јеремиќ (Белград, 1975) е уметник и теоретичар на културата. Дипломирал како сликар-реставратор на Факултетот за применети уметности при Универзитетот за уметности во Белград, каде што ги завршил и магистерските студии од областа на дигиталната уметност. Во 2020 година докторирал на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Белград. Предмет на неговата дисертација се функциите на уметничките практики во услови на транзиција, во смисла на нивната „погодност“ за одредена цел или задача, согласно барањата на доминантните дискурси, и преку анализа на теоријата за авангардата на Петер Биргер и теоријата за симболичките формации на Растко Мочник. Прашањето од кое поаѓа дисертацијата гласи: како и во која мера уметноста била вклучена во општествените промени и во неолибералните, односно глобализациските процеси во Србија во периодот од 1991 до 2008 година, и каква била нејзината функција во тој контекст?
Јеремиќ бил уредник на уметничката програма во Домот на младите во Белград (Dom omladine Beograda), а од 2010 година работи како проектен менаџер и уредник во фондацијата „Роза Луксембург“ (Rosa Luxemburg Stiftung) за Југоисточна Европа. Бил член на Управниот одбор на Здружението на ликовни уметници на Србија (УЛУС) и претседател на Сликарската секција при ова здружение. Бил член на одборот за доделување на наградата „Лазар Трифуновиќ“ за ликовна критика и теориско разгледување на современата визуелна уметност, а е и еден од основачите на меѓународната платформа „ArtLeaks“, која се занимава со правата на уметниците. Работи на уметнички и кураторски проекти заедно со неговата партнерка Рена Редле, со која го истражува односот помеѓу уметноста и политиката, разоткривајќи ги акутните општествени противречности.
Изложбата „Почеток после крајот: Визуелната култура на немирот – Вчерашниот свет до денес 1900-2026“ која се одржа од 6 мај до 30 август годинава, предизвика интерес кај стручната и пошироката јавност, а во текот на летото беше посетена и од значаен број странски посетители. На 25 јуни беше одржано и стручно водење низ изложбата од кураторот Владимир Јанчевски и уметниците Лучезар Бојаџијев од Софија и Дритон Селмани од Приштина.
Изложбата „Почеток после крајот: Визуелната култура на немирот, 1900-2026“ претставува избор од колекцијата на кураторот која вклучува книги, постери, списанија, картички, фотографии, графики и други печатени изданија придружени со специфичен избор на дела од колекцијата на МСУ-Скопје. Покрај авторски дела на автори од меѓувоениот период, како Џон Хартфилд и неговите современици Жозеп Ренау, Борис Клинч, Борис Ангелушев, но и следната генерација Хектор Католика, Клаус Штек, Питер Кенард, Клод Беларжон, а вклучени беа и дела на повеќе анонимни автори, како и литература поврзана со темата.

