Утре вечер, 27.11.2026 година (петок), во Фоајето на Спомен Дом АСНОМ – Делчево, ќе биде отворена изложбата на авторот Константин Качев. Изложбата е во организација на НУЦК ,,Никола Јонков Вапцаров”-Делчево, а куратор е Јасминка Намичева.
Константин Качев е роден во 1967 година во Ташкент, тогашен Советски Сојуз. Во 1983 година, неговото семејство се преселува во Скопје, каде што тој го продолжува своето образование и уметничко усовршување.
Средното образование го завршува во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот за сликарство. Во 1988 година се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што дипломира на отсекот за сликарство и рачна изработка на хартија.
За време на студиите има можност да учи и да го надградува своето знаење под менторство на истакнати македонски уметници, меѓу кои Родолјуб Анастасов, Симон Шемов и Танас Лулоски – Тане.
По дипломирањето, професионалниот пат го продолжува во областа на заштитата на културното наследство. Неколку години работи во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, каде што учествува во конзервација и реставрација на значајни културно-историски споменици, меѓу кои и црквата „Св. Климент“ – Перивлепта во Охрид.
Неговиот уметнички труд и творештво се потврдени со бројни меѓународни признанија и награди. Меѓу нив се бронзен, сребрен и златен медал на изложбите во Гранд Пале во Париз, признанија од Академијата за ликовни уметности во Париз, наградата „Димитар Кондовски“ во Скопје, како и повеќе златни, сребрени и бронзени медали во Санкт Петербург и Москва. Во 2025 година добива и меѓународни признанија во Мадрид, Лондон и Милано.
Константин Качев живее и твори во Скопје, Македонија, продолжувајќи да го надградува својот препознатлив уметнички израз и да ја претставува својата уметност пред домашната и меѓународната публика.

