Променливо зимско време со облачно небо и повремени врнежи ќе ја одбележи денешната недела, а од утре се очекува целосен пресврт – стабилно, но многу студено време, со утрински температури под нулата речиси насекаде низ земјава.
Според прогнозата на УХМР, денеска ќе има повремени локални врнежи, претежно од снег, додека во пониските места долж Повардарието ќе врне дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој повремено ќе засилува, особено на места долж Повардарието. Минималната температура ќе се движи од минус три до четири степени, а максималната ќе достигне од минус еден до шест степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во делови од котлината повремено ќе засилува. Температурата ќе се спушти до нула, а дневниот максимум ќе достигне два степена.
Од утре, па во текот на новата работна седмица, времето ќе биде стабилно, но многу студено. Утринските температури речиси насекаде ќе бидат под нулата, а наместа ќе има и појава на магла.
Во овој период ќе дува слаб, повремено умерен ветер од северен правец.

