Со специјална јубилејна едиција што опфаќа 18 наслови во 12 книги, издавачката куќа „Арс Ламина“ му оддава почит на Велко Неделковски, еден од најзначајните македонски писатели за деца и млади, по повод 80 години од неговото раѓање и 60 години творештво.
По тој повод, на 26 ноември (четврток), со почеток во 10 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржи промотивен настан посветен на животот и творештвото на авторот, на кој ќе биде претставена и јубилејната едиција.
Промотор на едицијата ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а ќе се обрати и писателот Велко Неделковски.
Шест децении исполнети со приказни, стихови, хумор и незаборавни книжевни ликови, кои растеле заедно со генерации читатели, добиваат ново издание и ново читателско поглавје.

