Хрватска го засили дипломатскиот притисок врз Црна Гора за решавање на долгогодишниот граничен спор пред планираното завршување на преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ до крајот на годината, објави „Еуроњуз“ , повикувајќи се на два анонимни дипломатски извори.
Загреб бара од Подгорица да реши голем број отворени прашања кои датираат од војните во 1990-тите, но во последните денови, според дипломатски извори, хрватската влада ги интензивирала своите барања поврзани со демаркацијата на двете држави.
Дипломатите тврдат дека главната цел на Загреб е да го реши прашањето за Превлака и околните територијални води. Еден од нив тврдеше дека другите барања на Хрватска служат за прикривање на таа цел.
Меѓу другите отворени прашања, кои Подгорица веќе делумно почна да ги решава, се откривањето на останките на воените заробеници, обештетувањето на хрватските семејства чиј имот беше запленет и враќањето на бродот за обука „Јадран“.
Зошто е важна Превлака?
Црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ, минатата недела изјави дека Подгорица е подготвена за меѓународна арбитража или решавање на граничниот спор пред меѓународен суд доколку двете земји не успеат да постигнат заемно прифатлив договор.
Хрватска во моментов не сака меѓународна арбитража, но бара Црна Гора формално да ја признае постојната копнена граница, во согласност со принципот на Бадентеровата комисија од 1991 година, според кој границите на поранешните југословенски републики стануваат меѓународни граници по нивната независност.
Превлака е речиси ненаселен полуостров, но нејзината стратешка позиција е клучна за поморско обележување, навигација и пристап до Которскиот Залив, како и за потенцијални наоѓалишта на нафта и гас.
Од 2002 година е на сила привремен режим, според кој Хрватска го контролира полуостровот, а Црна Гора ги контролира поголемиот дел од околните води.

Хрватска ја користи својата позиција како членка на ЕУ
Досега, Црна Гора привремено затвори 25 од 33 преговарачки поглавја. На меѓувладината конференција минатиот четврток, Подгорица се надеваше дека ќе затвори најмалку четири поглавја, но поради противењето на Хрватска, според „Еуроњуз“, само две беа затворени.
На Црна Гора ѝ истекува времето за да ја постигне својата цел за завршување на преговорите за пристапување до крајот на годината. Ова веројатно ќе бара уште една меѓувладина конференција до крајот на ноември и финална конференција во декември.
Подгорица се надева дека ќе стане 28-ма членка на Европската Унија во 2028 година.
Еден од дипломатските извори на „Еуроњуз“ предупредува дека притисокот врз Црна Гора да се согласи на територијални отстапки би можел да ја поткопа довербата на нејзините граѓани во ЕУ и да го зајакне антиевропското расположение.
Германија врши притисок врз Хрватска
Во рамките на Берлинскиот процес, Германија ја повика Хрватска да не дозволи билатералните спорови да го загрозат пристапувањето на Црна Гора во Европската Унија.
Прашањето за границата стана политички чувствително во Хрватска. „Еуроњуз“ го поврзува со напорите на хрватската влада да покаже дека ги штити националните интереси, во контекст на медиумските извештаи за можноста за одржување предвремени парламентарни избори во 2027 година.
Порано овој месец, премиерот Андреј Пленковиќ изјави во парламентот дека Хрватска сака да постигне договор за копнената граница пред Црна Гора да ги заврши преговорите за пристапување.
Минатата недела, Пленковиќ повтори дека Хрватска не бара туѓа територија, но дека не се откажува од својата.
„Веруваме дека е време да се формализира она што има некаков привремен статус“, рече тој.
Европска комисија: Црна Гора ги исполни сите критериуми
„Еуроњуз“ потсетува дека дури ни Хрватска не го решила граничниот спор со Словенија пред да се приклучи на Европската унија во 2013 година, а дека во 2017 година ја отфрлила одлуката на арбитражниот суд за демаркација.
Европската комисија оцени дека Црна Гора ги исполнува сите критериуми за привремено затворање на преговарачките поглавја. Сепак, за нивното затворање е потребна едногласна согласност од сите 27 земји-членки.

