Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека ќе ја поддржи иницијативата на опозициската СДСМ за итна собраниска седница на која ќе се расправа за семејното насилство и за одговорноста на институциите, а на која се бара да присуствуваат минитрите за внатрешни работи, правда и социјална политика и државниот јавен обвинител.
Нашиот став како пратеничка група е дека истата ќе ја поддржиме, бидејќи она коешто се кажа на прес-конференцијата од аспект на бројките е точно. Точно е дека за 70 проценти е зголемен бројот на пријави за семејно насилство и за 50 проценти е зголемен бројот на поднесени кривични пријави. Тоа не значи дека претходно семејното насилство било отсутно, туку тоа значи дека сега граѓаните имаат повеќе доверба во институциите истото да го пријавуваат, а секако за тоа придонесоа и измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, каде што семејното насилство се гони по службена должност, што придонесе овој број да биде поголем, изјави Бојан Стојановски на прес-конференција.
Рече дека целта на власта е да дизајнира систем со кој ќе се намали бројот на овие пријави и ќе се намали до најмали можни граници веројатноста дека тоа ќе се случи.
Луѓето коишто денеска ги видов на прес-конференцијата, исто така, во изминатите години беа одговорни за дизајнирање на тој систем, но видовме дека не направиле апсолутно ништо. Така што, ние ќе ја поддржиме таа иницијатива за одржување на седницата и ќе разговараме. Секако, ќе го поставиме и ние прашањето до Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, а секако е добро да се одговори и од страна на судот зошто тие обвинителни акти коишто се поднесени сè уште немаат судска разрешница, како што очекуваат граѓаните.

