Согласно новата европска Регулатива за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот, од 10 јули 2027 година во Европската Унија ќе почнат да важат построги правила за плаќања во готово, со кои, меѓу другото, се ограничува плаќањето во готово на 10.000 евра и се воведува понизок општ праг за задолжителна проверка на идентитетот при готовински трансакции.
Со новата Регулатива, одредени деловни субјекти ќе мора да го утврдат и потврдат идентитетот на клиентите дури и за повремени трансакции во готово од 3.000 евра.
Банките, финансиските институции и другите одговорни за спречување на перењето пари се должни да спроведат длабинска анализа на клиентот за повремени трансакции од најмалку 10.000 евра.
Проверките се задолжителни и при воспоставување деловен однос и кога постои сомневање за перење пари, без оглед на износот на трансакцијата.
Обврската се однесува на деловните субјекти опфатени со регулативата, вклучувајќи банки, финансиски институции, трговци со скапоцени метали, скапоцени камења и одредени категории луксузни стоки.
Европската унија, исто така, воведува заедничка горна граница за готовински плаќања за стоки и услуги од 10.000 евра. Земјите членки ќе можат да ги одржат постојните построги ограничувања или да воведат нови.
Што ако купите автомобил од друг граѓанин?
Европското ограничување нема да се однесува на плаќања меѓу физички лица кои не дејствуваат во рамките на нивната деловна или професионална дејност.
Ова значи дека граѓанин кој купува половен автомобил од друг граѓанин, а не од продавач на автомобили, според европската регулатива, може да плати во готово за износ поголем од 10.000 евра.
Ограничувањето нема да се однесува на плаќања извршени во филијали на банки и други даватели на услуги за плаќање, за кои важат посебни правила за надзор.
Целта е да се спречи перењето пари
Новите правила се дел од поширок пакет европски мерки насочени кон отежнување на користењето на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам и хармонизирање на регулативите меѓу земјите-членки.
Досега, ограничувањата за плаќања во готово значително се разликуваа меѓу членките на ЕУ, а некои земји воопшто немаа. Европската Унија сака да ги спречи криминалците да ги искористат овие разлики за да префрлат и прикријат нелегално стекнати добивки.
Како дел од истиот пакет, беше основан нов Европски орган за спречување на перење пари (АМЛА) со седиште во Франкфурт, кој директно ќе врши надзор врз избрани финансиски институции со висок ризик од 2028 година.

