Националното студентско тело бара субвенционираниот студентски оброк да биде 4.500 денари месечно или 180 денари на ден, затоа што така се изјасниле 97 проценти од 7000 студенти кои биле опфатени со онлајн анкета за понудениот нов ваучерски модел.
Резултатите од анкетата покажуваат дела 79,5 проценти од анкетираните го претпочитаат постојниот модел со платежни партички.
Претседателката на Националното студентско тело Ангела Василевска изјави дека студентите бараат повеќе пари за субвенционираниот оброк веднаш, а не од почетокот на идната академска година за кога Владата го планира новиот модел – апликација со многу поволности и попусти при купувањето храна кај избрани оператори.
Според Василевска, во многу угостителски локали, ресторани, пекарници и компании студентите веќе користат попусти и тоа „не е некоја нова мерка“.
Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала – износот треба секоја година да расте според ифлациската стапка по секоја фискална година. Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи. На сите факултетски бифеа за 140 денари не може да се најде ни делумно од оброк, рече Василевска.

