Сообраќајот во Словенија денес беше попречен на многу локации поради обилните врнежи од снег кои продолжија и во текот на попладнето, што доведе до сообраќајни незгоди и лизгање на возилата. Дополнително, силниот ветер („бора“) предизвика привремена забрана за движење на автопатот кај Випава за возила со приколки (кампер-приколки), камиони ладилници и возила со церада.
Претходно во текот на денот, автобус што превезувал деца излетал од патот, но за среќа, нема повредени.
Тешки товарни возила пролизгале на автопатите во регионите Приморска, Долењска, Помурје и Штаерска.
Според сообраќајната полиција во Љубљана, состојбата во сообраќајот во тој регион се стабилизира; сепак, на одредени патишта сè уште има снег, па возачите се предупредуваат да внимаваат на лизгавите коловози, објави словенечкиот јавен сервис.
Податоците од Словенечката агенција за животна средина покажуваат дека денес во низинските предели наврнале до пет сантиметри снег, додека во северниот дел на земјата се измерени околу 10 сантиметри.
Најинтензивни врнежи од снег во периодот од среда до четврток се забележани на северозапад, додека најмалку снег наврнало во јужна Словенија, пренесе јавниот сервис.
На планинскиот масив Канин, во текот на ноќта наврнале 28 сантиметри нов снег, со што вкупната дебелина на снежната покривка достигна 76 сантиметри. На Кредарица наврнале 22 сантиметри свеж снег, со што вкупната дебелина на снежната покривка достигна половина метар.
Во меѓувреме, регионот Приморска се соочи со обилни дождови и високо ниво на морето, што доведе до поплавување на одредени патишта и станбени објекти, како и до појава на неколку помали одрони. Сообраќајот беше попречен на повеќе локации поради незгоди и лизгање на возилата.
Екипите за зимско одржување се на терен уште од доцните попладневни часови во средата, при што се ангажирани 153 работници и 102 возила.
По краткиот прекин утринава, снегот повторно почна да паѓа, ширејќи се од југозапад кон внатрешноста на земјата. „Во текот на ноќта очекуваме уште еден бран на слаби до умерени врнежи од снег. Овој снег ќе биде нешто потраен, па така во одредени делови од западните и јужните предели може да наврнат дополнителни пет сантиметри снег, додека на поголемите надморски височини количината ќе биде и поголема“, изјави метеорологот Урбан Жагар.
Според Жагар, врнежите ќе престанат во петок, по што во поголемиот дел од земјата сè до недела ќе преовладува облачно време.

