Северна Македонија е прва од земјите од Западниот Балкан што го заврши техничкиот дијалог со Европската комисија за приклучување кон европскиот систем „Роаминг како дома“, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Според него, со последната размена меѓу преговарачките тимови на земјава и ЕК се усогласени сите отворени прашања поврзани со текстот на договорот.
„Со Европската комисија го усогласивме текстот на договорот и како прва земја од регионот ја завршивме техничката фаза. Сега сме чекор поблиску до тоа граѓаните да ја почувствуваат оваа придобивка при секое патување во ЕУ“, истакна Андоновски.
Тој посочи дека воведувањето на системот ќе им овозможи на македонските граѓани при престој во земјите членки на Европската Унија да телефонираат, да праќаат пораки и да користат мобилен интернет според условите од домашните тарифи, без дополнителни трошоци за роаминг.
На самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржа вчера во Брисел, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Северна Македонија прва во регионот го завршила техничкиот дел од процесот и изрази очекување дека македонските граѓани набрзо ќе може да ги користат мобилните услуги во земјите членки на ЕУ според домашни тарифи, без дополнителни трошоци за роаминг.

