Студентите ќе добијат нов модел на поволности преку апликацијата „М.услуги“, кој ќе опфаќа поширок спектар услуги и попусти, наместо досегашниот концепт на субвенциониран студентски оброк. Поволностите ќе важат во текот на целата година, вклучително и за време на викендите и празниците, а во следната фаза се разгледува можноста да се користат и надвор од државата, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието за студентскиот оброк, Мицкоски рече дека Владата работи на нов пристап со кој студентите ќе добијат дополнителни привилегии, кои нема да бидат ограничени само на покривање на трошоците за исхрана.
„Концептот е да развиеме сосема нов пристап кога станува збор за привилегиите кои ќе можат да ги користат студентите. Не да се ограничиме на концептот дневен оброк, кој гледам доста и политички се злоупотребува од страна на поединци, туку зборувам да има суштина“, рече Мицкоски.
Во подготовката на новиот модел се вклучени Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат, Кабинетот на премиерот и Министерството за финансии. Во проектот дополнително ќе се вклучи и Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое развива посебна апликација и младинска картичка.
Според Мицкоски, целта е да се создаде поширок систем на привилегии, бидејќи сегашниот модел на студентски оброк има временски ограничувања, а не ги опфаќа летните месеци, неделите и празниците.
„Сега завршува исплаќањето, мислам дека беше крајот на јуни, јули, август, септември не се опфаќаат во исплата на дневниот оброк. Истовремено, неделите и празниците исто така се исклучени од сето тоа кое што е нивна привилегија. И мислам дека на тој начин сумата која што тие ја користат е прилично недостоинствена“, изјави премиерот.
Тој најави дека преку апликацијата студентите би можеле да добиваат попусти од пет до 50 проценти за различни услуги, со можност опсегот на привилегии да биде двојно или тројно поголем од поволностите што ги користат во моментов.
„Јас сум убеден дека таа апликација ќе овозможи на студентите можеби и да се дуплираат и триплираат привилегиите кои што тие ќе ги имаат по различна основа од пет до 50 проценти, кои што сега не ги користат и ги немаат“, рече Мицкоски.
Како следна фаза од проектот, Владата ја разгледува можноста студентите да ги користат овие поволности и надвор од земјава. Засега, како што посочи премиерот, фокусот е на нивно воведување на домашниот пазар преку апликацијата „М.услуги“.

