Лидерите на ЕУ до доцна синоќа не успеаја да постигнат договор за следната повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2028-2034 година, што и не беше изненадување, но она што ги изненади сите беше одлуката на пртставниците на седум земји членки во знак на протест да го напуштат состанокот.
Така го добивме и тоа, дел од лидерите на ЕУ да го бојкотираат сопствениот Самит.
Самитот заврши некаде по полноќ, по што лидерите си заминаа дома, наместо да останат за вториот ден од состанокот, како што беше пртходно планирано.
Лидерите се поделија во два главни табора – седумте „штедливи“ земји и 17-те земји кои сакаат поголем буџет, кои дури назначија и свои „преговарачи“ со Кошта. Во име на „штедливите“ зборуваше данската премиерка Мете Фредериксен, а за „останатите“ зборуваа италијанската премиерка Џорџа Мелони и романскиот претседател Никушор Дан.
Таканаречените седум „штедливи“ земји, кои се залагаат за намалување на буџетот, дури го бојкотираа и форматот на дискусија предложен од претседателот на Европскиот совет, Антонио Коѓта, кој предвидуваше разговори во помали одвоени групи.
Својот потег пртстаници на дел од овие земји образложија со недоволна јасност „зошто би се состануваме во вакви групи, ниту како тие би требало да функционираат“ и со опишување на ситуацијата како „чудна“, во услови кога Кошта не понудил никакви алтернативни решенија.
Трет дипломат од една од седумте „штедливи“ земји го обвини Кошта дека се обидува да ги „разедини“ преку некаква тактика, нагласувајќи дека одбиле да учествуваат од принципиелни причини.
По Самитот, летонскиот премиер Андрис Кулбергс изјави дека некои од лидерите се однесувале како да се наоѓаат на различни „планети“.
Шведскиот премиер Улф Кристершон целиот Симит го опиша со зборовите: „Денес всушност ништо не се случи“, додека францускиот претседател Емануел Макрон, видно лут, им изјави на новинарите дека Европа прави „стратешка грешка“ со предлогот за помалку амбициозен буџет.
Сега останува уште еден самит за да се постигне договор пред Нова година, оној на 17 декември. Потоа, постигнувањето консензус може да стане невозможно, имајќи ги предвид изборите и можноста за политички хаос низ Унијата во 2027 година.
Според најави од Брисел, Кошта ќе ги помине следните неколку недели во контакти со земјите членки, со цел да ги врати преговорите на вистинскиот пат пред клучниот декемвриски самит.

