По освојувањето на Зелениот Оскар и Град При на Гриерсон, Тамара Котевска, двојно номинираната режисерка за Оскар (МЕДЕНА ЗЕМЈА), и двојно номинирана за ЕМИ (ПРИКАЗНАТА ЗА СИЛЈАН) е избрана за една од главните одлучувачи во престижното меѓународно жири за 2026 година на Филмскиот фонд за документарци посветени на планетата Земја (Planet Health Film Fund), голема нова глобална иницијатива за документарен филм вредна 100.000 фунти.
„ Ѝ честитаме на Тамара Котевска за изборот во меѓународното жири и за довербата што ѝ е укажана да им помогне на нови документарни автори да ги донесат своите приказни пред светската публика“, порачаа од Агенцијата за филм на Северна Македонија.
Жирито за 2026 година ги обединува директорите на НЕТФЛИКС, САНДЕНС, БАФТА заедно со Котевска и неколку автори од нејзин ранг.Заедно, ова жири на 16 декември ќе донесе одлука за распределба на грантот од 100000 фунти, ќе ги оценува глобалните филмски проекти и ќе избере пет истакнати режисери кои ќе добијат по 20.000 фунти за продукција, врвно менторство од индустријата и загарантирана светска премиера на фестивалот SXSW London 2027.
По повод оваа објава, Тамара Котевска ја сподели следната изјава:
„Поканата за член на вакво престижно жири и дадената доверба да одлучувам за иднината на 5 ветувачки документарни филмови рамо до рамо со најголемите одлучувачи во светот на филмот во моментов носи огромна одговорност. Филмскиот фонд за документарни филмови со фокус на опстанокот на планетата е истовремено огромна чест и сериозно битен момент за позиционирање на Македонија во најелитните кругови на носење филмски одлуки. Да се седи рамо до рамо со водечките луѓе од НЕТФЛИКС, САНДЕНС и БАФТА како и со визионери како Акинола Дејвис Џуниор и Нина Гуалинга, покажува колку стана клучно раскажувањето приказни за животната средина на највисокото ниво на светската кинематографија. Заедно со моите колеги од жирито, со нетрпение очекувам да поддржам пет храбри нови автори и да ги донесам нивните итни приказни на глобалната сцена.”


