Поранешниот унгарски премиер и лидер на екстремно деничарската партија Фидес, Виктор Орбан ја основа меѓународната истражувачка фондација „Про Патрија“, чија цел е да ја зајакне соработката меѓу националните политички сили ширум светот и да ги поврзе организациите и поединците кои се залагаат за национален суверенитет и традиционални вредности.
Како што информира европратеникот на Фидес и политички директор на Кабинетот на поранешниот унгарски премиер, Балаш Орбан, целта на фондацијата е да изгради меѓународен истражувачки институт кој ќе ги поврзува мислителите и организациите посветени на националниот суверенитет и традиционалните вредности, потпирајќи се и на искуствата на унгарското државно раководство.
Балаш Орбан, кој ќе биде и еден од членовите на Управниот одбор на „Про Патрија“, изјави дека една од задачите на новата институција ќе биде да ја поттикне меѓународната соработка меѓу националните сили, како и поддршката на младите таленти во меѓународната средина.
Тој, исто така, најави организирање и поддршка на отпорот кон сегашниот политички систем во Унгарија, кој го опиша како „либерален авторитарен систем“.
Во изјава за „Политико“, Балаж Орбан нагласи дека една од целите на фондацијата е да иницира дебата за реформа на институциите на Европската Унија.
Тој потврди дека собирањето средства за новиот проект веќе е започнато, со поддршка на унгарски и меѓународни донатори, но изјави дека сè уште не е познато дали фондацијата ќе побара финансиска поддршка од Вашингтон.

