Турција го суспендираше безвизниот режим за црногорските граѓани кои поседуваат обични пасоши, се наведува во одлуката објавена денес во Турскиот службен весник.
Со одлуката, потпишана од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, се суспендира спроведувањето на одредбите од Договорот меѓу владите на Турција и Црна Гора за меѓусебно укинување на визите, во делот што се однесува на црногорските граѓани кои поседуваат обични пасоши.
Реакцијата на Анкара следи откако Црна Гора на 1 ноември воведе визи за граѓаните на Турција, Белорусија, Кина, Русија и Саудиска Арабија.
Таквата одлука е донесена, како што е наведено, во рамките на хармонизирањето на визната политика на Црна Гора со онаа на ЕУ, на патот кон полноправно членство во Унијата.
Договорот за меѓусебно укинување на визите меѓу Црна Гора и Турција е потпишан на 18 јануари 2008 година.

