Вечерва, во 19ч во Музеј Галерија Кавадарци, ќе биде отворена самостојна изложба на Никола Пијанманов, насловена како „Тополи и луѓе“
…Постојат сликарски светови во кои човекот не е само фигура, природата не е само пејзаж, а бојата не е само визуелна појава. Тие стануваат јазик преку кој се откриваат најдлабоките човечки состојби, немирот, осаменоста, ранливоста и постојаната потрага по смисла. Токму таков свет создава Никола Пијанманов.
Во неговото сликарство, човекот и природата се појавуваат како две неразделни присуства, поврзани во една драматична и длабоко симболична целина. Тоа е свет во кој видливото постепено отстапува пред внатрешното, а фигурата престанува да биде само телесна појава и станува носител на егзистенцијална состојба.
Издолжените човечки фигури, нивната кревкост и изразена експресивност, создаваат впечаток на постојана напнатост меѓу присуството и отсуството, меѓу осаменоста и потребата за припадност. Човекот во овие дела не е идеализиран. Тој е изложен, ранлив, понекогаш речиси надреален, но секогаш длабоко човечки… Зорица Ташовска Илова, кустос – историчар на уметност.

