Украинските сили првпат собориле руски реактивен дрон со помош на ласерски систем, технологија што сè уште е во експериментална фаза и не е подготвена за масовна употреба, соопшти украинската владина платформа за одбранбени технологии „Брејв-1“.
Од платформата информирале дека неодамна на интернет се појавиле снимки од украински ласерски систем употребен во борбени услови за пресретнување непријателски реактивен дрон.
Системот е развиен од компанија што добила финансиска поддршка преку програмата „Брејв-1“, а во конкретната операција бил употребен од тим на приватна противвоздушна одбрана.
„Првото успешно пресретнување не значи дека технологијата е подготвена за масовно воведување. Засега ласерската противвоздушна одбрана останува експериментална технологија“, соопштија од платформата, додавајќи дека во Украина најмалку седум тимови работат на развој на вакво оружје.
Во средата советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Сергеј Бескрестнов, објави видеоснимка на која се гледа како погоден објект паѓа и експлодира во огнена топка. Според неговото објаснување, станува збор за руски реактивен дрон „Геран“, кој бил соборен со ласерски систем.
Системот, наречен „Блиск“, е развиен од компанијата „Кармин Скај“ и во конкретниот случај бил употребен за заштита на критична инфраструктура во Украина, изјавил Бескрестнов.
Украина постојано е изложена на напади со руски беспилотни летала и ракети, насочени кон индустриската и енергетската инфраструктура. Во последните месеци Москва сè почесто користи реактивни дронови, кои се побрзи и потешки за пресретнување.
Од „Брејв-1“ посочуваат дека трошокот за едно дејствување со ласерско оружје е понизок од цената на еден рафал од митралез. Сепак, развојот на ласерската противвоздушна одбрана е меѓу технолошки најсложените приоритети на програмата.
Според платформата, за разлика од развојот на беспилотните летала од типот ФПВ и муницијата, ласерското оружје бара значително повисоко научно и технолошко ниво, а досега во Украина биле спроведени релативно мал број истражувања во оваа област.
Ласерското оружје се истражува уште од 1970-тите години, но оперативни системи досега се воведени само во мал број земји. Пресретнувањето воздушни цели со ваква технологија во реални борбени услови и понатаму е реткост, наведува „Брејв-1“.

