Земјотрес со интензитет од 4 степени според Рихтеровата скала утрово бил регистриран на територијата на соседна Грција, а бил почувствуван во Битола, Охрид и околните места, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според информациите од Опсерваторијата, земјотресот бил регистриран во 8 часот и 47 минути од телеметриската сеизмолошка мрежа на државата. Епицентарот потекнувал од соседна Грција, на околу 140 километри југозападно од Скопје.
„Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.
Од Опсерваторијата ги повикаа граѓаните кои го почувствувале потресот да го пополнат прашалникот за почувствуваност, кој е достапен на нивната интернет-страница, за потребите на сеизмолошките истражувања.

