По наградите и фестивалските успеси во Токио, Каиро и Белград, новиот филм на Милчо Манчевски денеска првпат ќе биде прикажан пред македонската публика. „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има својата македонска премиера на свечен настан во Македонската филхармонија, со црвен килим и присуство на актерската екипа и гости од странство.
Филмот е добитник на Гран при во Токио и, според најавата, е само второто остварување во историјата на македонската кинематографија, по „Пред дождот“, што победило на фестивал од А-категорија.
Гала-премиерата е закажана за денеска во големата сала на Македонската филхармонија, каде што ќе се одржи и црвениот килим, како што беше случај и со последните три премиери на Манчевски.
„Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак“, изјави режисерот.
Пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, меѓу кои и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија. Присуството го потврдиле и 24 странски амбасадори во земјава, претставници на државниот врв и бројни видни граѓани.
За премиерата специјално и привремено е увезена опрема за кино-прикажување, приспособена на големата сала на Филхармонијата. Настанот е организиран и финансиран со приватни средства.
По главната награда во Токио, „Сестра, брат и шахта“ постигна успех и на фестивалите во Каиро и Белград. Филмот доби и бројни меѓународни критики и рецензии, во кои е опишан како „потресен“, „самоуверен“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“ и „непредвидлив“.
Станува збор за комедија за богати и сиромашни, лута сатира и суптилна психолошка студија за брат и сестра кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој, во препознатливиот стил на Манчевски, си поигрува со жанровските класификации, спојувајќи ги солзите и смеата. Иако дејството се случува во денешна Македонија, приказната отвора универзални прашања за начинот на кој луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е деветтиот долгометражен филм на Манчевски, а осмиот игран филм. Тој е снимен во истата година со документарниот филм „Добри луѓе“, што претставува редок куриозитет во светската кинематографија – автор во една година да се појави со два филма пред меѓународната публика.
Покрај Агенцијата за филм, која го поддржала проектот по, како што се наведува во соопштението, тригодишна незаконска блокада на Манчевски и две судски одлуки во негова полза, филмот го помогнале и национални филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.
Меѓу македонските компании и културни институции што го поддржале проектот се Министерството за култура и туризам, „Дајнерс клуб“, „Тиквеш“, „Витаминка“, „Окта“, „Пелистерка“, „Специјал“, „Такси Глобал“, „Еурофарм“, „Македонија турист“, „Саманта“, „Мај принт“, Македонската филхармонија, Македонскиот народен театар, „Фонолукс“, хотел „Арка“ и „Види Вака“.
Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукцијата, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија, монтажер е Благоја Неделковски, а музиката е на Игор Василев Новоградска. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот е сниман со меѓународна екипа на локации низ Скопје и неговата околина. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и „Тирана филм институт“ од Албанија.

