Иранската валута падна на рекордно ниско ниво поради инфлацијата и санкциите, приближувајќи се до прагот од 3 милиони риали за еден американски долар.
Според податоците од веб-страницата „bon-bast.com“, која ги следи движењата на слободниот пазар, американскиот долар денес се тргуваше по вредност од приближно 2,992 милиони риали, додека веб-страницата „alanchand.com“ забележа вредност од 2,999 милиони риали за долар.
Иран е погоден од еден од најтешките бранови на инфлација во последните децении – влошен од војната што трае веќе девет месеци – при што особено цените на храната бележат остар пораст, пренесува Ројтерс.
Во меѓувреме, во јули, Соединетите Држави повторно воведоа поморска блокада на иранските пристаништа. Претходно овој месец, САД најавија формирање на оперативна група, „Железна порта“ (Iron Gate), со цел да се ограничи транспортот на оружје и материјали кои се предмет на санкции – како преку копнените граници на Иран, така и преку Каспиското Море.
„Иранската економија тоне, а нејзините лидери се во паника“, изјави претходно оваа недела американскиот министер за финансии, Скот Бесент, по воведувањето на нови санкции чија цел е да го изолираат Иран од глобалната економија и да ги разбијат неговите мрежи за „банкарство во сенка“. Абдолнасер Хемати, гувернерот на Централната банка на Иран, денес изјави дека Иран располага со доволни количини девизи за набавка на основни добра и лекови во наредните месеци; сепак, тој додаде дека врз девизниот пазар влијаат не само економските показатели, туку и психолошките фактори.

„Врз девизниот пазар влијаат бројни фактори, како што се состојбата на економијата, очекувањата и политиката. Ние се стремиме да го стабилизираме пазарот колку што е можно повеќе“, изјави Хемати за државната телевизија.
Многу Иранци, барајќи сигурно засолниште за својата заштеда, купуваат долари, други странски валути или злато, пренесува агенцијата. Според податоците на Статистичкиот центар на Иран, потрошувачките цени во земјата во октомври биле за 88,7 отсто повисоки во споредба со претходната година, додека просечната годишна стапка на инфлација се зголемила на 76,8 отсто.
Истовремено, цените на храната и пијалаците забележале скок од дури 112,6 отсто на годишно ниво.

