Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС) на 3 декември ќе одлучува дали и на кој начин партијата ќе учествува на претседателските избори во Србија. Александар Вучиќ најави дека се разгледуваат три можности, а лично се противи партијата да настапи со сопствен кандидат.
Како што изјави на прес-конференција, првата опција е СНС да предложи свој кандидат, втората е да поддржи некого од независните кандидати, а третата е партијата воопшто да не излезе со кандидат.
„Третата опција е најдобра, иако, со оглед на расположението во партијата, можно е Главниот одбор да донесе и поинаква одлука“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека не мора да се води активна кампања за бојкот доколку партијата одлучи да не предложи кандидат.
Вучиќ откри и дека поранешната министерка Зорана Михајловиќ му кажала дека размислува да се кандидира како независна кандидатка, со образложение дека смета оти е време жена да биде претседателка на Србија.
Како друга можност што ја слушнал, го спомена и името на Драган Ј. Вучиќевиќ.
„Слушнав и предлози за кандидатура на Драган Ј. Вучиќевиќ. Би било интересно главниот политички соперник да ви биде зад решетки. Ни самиот не знам што би ви рекол. Да, Зорана рече дека е ред жена да биде претседателка. Јас велам, сè е во ред, сè почитувам, но мислам дека имам одредени принципи. Дали ќе се држиме до тие принципи или не, за тоа ќе одлучуваме“, изјави Вучиќ.
Кои кандидати досега најавија учество?
Претседателските избори во Србија се закажани за 27 декември, а рокот за поднесување кандидатури истекува на 6 декември на полноќ.
Студентското движење на 27 ноември го претстави Радомир Саичиќ, професор по хемија, академик и пратеник од Студентската листа, како свој кандидат за претседател. Викендов во повеќе од 15 градови низ Србија се собираат потписи за неговата кандидатура.
Покрај Саичиќ, учество во претседателската трка најавија и Бранимир Несторовиќ, лидер на движењето „Ние – силата на народот“, адвокатот Бранко Павловиќ, кој побара поддршка од граѓаните за собирање потписи, и бизнисменот Богољуб Кариќ, лидер на движењето „Силата на Србија“.

