Младинската невработеност од 29 проценти ја сместува Македонија на третото место во Европа, според податоците на Евростат за вториот квартал од 2026 година, соопшти денеска СДСМ. На прес-конференција, Маја Борозан оцени дека овие бројки ги демантираат тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за економскиот напредок на државата.
Според Борозан, речиси секој трет млад човек од работната сила е без работа, што, како што рече, ја отвора дилемата како младите да купат стан или да изградат дом кога немаат вработување и редовни приходи.
„Еве ја третата економија во Европа на Мицкоски. Бројките се немилосрдни – за младите што немаат работа, за оние што крпат крај со крај и за оние што сакаат да се иселат од државата“, рече Борозан.
Таа ги критикуваше најавите за поевтини станови за младите до 35 години и ослободување од комуналии, посочувајќи дека тие мерки не можат да им помогнат на младите кои немаат работа и плата. Воедно, ја обвини Владата дека одбива да го зголеми студентскиот оброк, а министерката за образование Весна Јаневска дека ги навредува студентите поради нивното незадоволство.
Борозан оцени дека економските политики на Владата се на штета на младите и дека средствата се трошат за, како што рече, криминални тендери, додека младите се соочуваат со скапи кредити и неизвесна иднина.
На прес-конференцијата таа се осврна и на животниот стандард на граѓаните, најавеното поскапување на парното за 7,56 проценти, како и на најавите за поскапување на електричната енергија од 1 јануари.
Според неа, поскапувањето на струјата ќе создаде дополнителен притисок врз цените на храната и услугите, додека платите стагнираат. Таа посочи и дека, според проценките што ги изнесе, од 80.000 до 100.000 граѓани се заглавени со брзи кредити, а вкупниот број на корисници надминува 200.000.
„Народот во Македонија буквално живее крпен живот, заглавен е во сиромаштија, во брзи кредити, во математики како да преживее“, рече Борозан, обвинувајќи го премиерот Мицкоски за состојбите во економијата.

