Соединетите Држави ги известија своите сојузници во НАТО дека ќе го одложат претставувањето на планот за реорганизација на своето воено присуство во Европа, со што нема да го испочитуваат првично предвидениот рок од 1 декември, изјавија двајца неименувани дипломати од Алијансата.
Според медиумот „Politico“, заменик-амбасадорот на САД, Скот Адкирк, вчера на состанок на претставници на земјите-членки на НАТО им соопштил на сојузниците дека Вашингтон нема навреме да ја претстави својата анализа за распоредот на силите во Европа за состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата, закажан за следната среда.
Анализата, најавена во јуни од американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, има за цел да го разгледа обемот на американските сили низ Европа – вклучувајќи го бројот на војници, воениот пристап, правата за користење бази и дозволите за прелет.
„Сè уште се надеваме дека ќе го испочитуваме рокот од 1 декември, барем во смисла на доставување на финалната анализа до Хегсет“, изјави минатата недела во Брисел претставникот на Пентагон, Елбриџ Колби.
Тој го пофали „огромниот напредок“ постигнат од земји како Германија, Полска, Холандија и скандинавските држави, кои ги „засилија своите напори“ и издвоија повеќе ресурси за сопствената одбрана.
Дипломатите додадоа дека САД не навеле нов датум за објавување на информациите во врска со реорганизацијата на своето воено присуство. Како една од причините за одложувањето, тие го наведоа фактот дека сè уште се разгледуваат различни понуди од сојузниците за обезбедување воени капацитети – наменети да ја заменат постоечката опрема и сили на Вашингтон.
Американската делегација во НАТО не одговори на барањето за коментар.
Соединетите Држави моментално имаат околу 80.000 војници во Европа, стационирани главно во Германија, Италија и Обединетото Кралство.
Politico: САД го известија НАТО за одложување на планот за реорганизација на воените сили во Европа

