Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) најостро го осудува фемицидот како најсуров облик на насилство врз жените и како недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.
Оттаму денеска преку соопштение ја потврдуваат подготвеноста за воспоставување соработка и партнерства со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации, а најавуваат и едукација и соодветна обука на свештенството со цел унапредување на нивните знаења и способности за навремено воочување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените
МПЦ – ОА ја согледува сериозноста и ги посочува загрижувачките размери на зголеменото насилство, ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата и воедно ја потврдува својата подготвеност за воспоставување соработка и партнерства со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации, со цел заедничко дејствување во спречувањето и надминувањето на овие негативни општествени појави. Притоа, МПЦ – ОА истакнува дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршува својата пастирска служба, вклучително и во однос на предизвиците поврзани со различните облици на насилство. Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено воочување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби, се вели во соопштението.

