Субвенционираниот студентски оброк во моментов треба да изнесува 165 денари дневно, а од 1 јануари 2027 година да се зголеми на 172 денари, според пресметките што ги презентираше Бленди Ходаи во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Тој нагласи дека износот треба да се утврдува врз основа на инфлациската стапка, наместо преку различни пресметки и политички договори.
„Според инфлациската стапка, моментално, денеска што зборуваме, треба да биде 165 денари, додека од 1 јануари, за усогласување со инфлациската стапка за 2026 година, треба да биде 172 денари“, изјави Ходаи.
Според него, институциите треба да ја исполнат законската обврска и да обезбедат соодветни средства за студентите.
Студентите кои живеат заедно, додаде тој, ги здружуваат средствата од субвенционираниот студентски оброк, купуваат намирници во маркетите и сами подготвуваат храна за да ги намалат трошоците.
„Секој понеделник се собираат, ако живеат тројца цимери, и одат со три картички за студентски оброк во маркет за да купуваат за цела недела и да готват дома во стан“, изјави Ходаи.
Тој нагласи дека дури и со ваквиот начин на штедење, средствата не им се доволни за целата недела.
„Ова е најекономичниот начин како тие би можеле да преживеат, но исто така ни кажуваат дека до четврток можат да се хранат со толку пари“, додаде Ходаи.
Тој рече дека едно семејство четиригодишното студирање на своето дете во Македонија може да го чини до 20.000 евра.
Ходаи посочи дека високите трошоци за сместување, храна и секојдневни потреби го прават студентскиот живот сè потешко достапен.
„Тоа е годишно околу пет до шест илјади евра, само за една година на факултет. За четири години да завршите факултет, тоа би било околу 18 до 20 илјади евра во нашиот образовен систем што е во мрак“, рече Ходаи.
Според него, особено тешка е положбата на студентите кои не живеат со своите родители и мора самостојно да ги покриваат трошоците за сместување и исхрана.

