Пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска седница посветена на поставување пратенички прашања повторно го прозва премиерот Христијан Мицкоски во врска со Алта банка, прашувајќи го со кого го направил договорот за банката да влезе на македонскиот банкарски пазар.
Покрај прашањето за Алта банка, Филипче од собраниската говорница ја обвини Владата за економски неуспеси, раст на цените и зголемување на јавниот долг. Рече дека токму во вакви услови во земјава е донесена Алта банка, за која кажа дека е најкриминална во Европа, и банка во која Александар Вучиќ перел пари.
На крајот од прашањето упатено до премиерот Христијан Мицкоски, Филипче рече:
„Пред да одговорите на прашањето, сакам да ви порачам да им кажете на другарите од Србија со кои сега подготвувате увоз на мазут, да не ми се закануваат зашто не ви се плашам. Не ви се плашам! Затоа што сум на страната на Македонија. Вие сте на страната на криминалот“.
На обвинувањата на лидерот на СДСМ, Мицкоски одговори со критики кон претходната власт, но не се осврна на тврдењата на Филипче за закани и за увозот на мазут. Премиерот го отфрли постоењето договор за влез на Алта банка со зборовите:
„Јас знам дека сте ‘дил ориентед’, но оваа влада е поинаква. Нема дил“.
Премиерот Мицкоски претходно месецов најави повторно ставање во погон на ТЕЦ „Неготино“ за производство на електрична енергија, како дел од планот за оптимизирање на работата на домашните енергетски капацитети и намалување на загубите во зимскиот период, кој рече дека ќе биде тежок.
Според пресметките на Мицкоски, при актуелните цени на мазутот, производството на електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“ би чинело од 170 до 175 евра за мегават-час, во споредба со моменталните цени на берзите кои достигнуваат од 400 до 500 евра.

