Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) биле затекнати при кражба на значително количество нафта од гаражите на претпријатието во скопската населба Ѓорче Петров, објави вечерва градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според неговата објава на Фејсбук, случајот бил откриен вечерва од внатрешната контрола на ЈСП, по што веднаш била повикана полицијата.
Ѓорѓиевски најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа и изрази очекување дека Обвинителството ќе отвори постапка, а секој за кого ќе се утврди одговорност ќе одговара пред законот.

Тој оцени дека случајот е уште еден показател за, како што наведе, долгогодишното системско уништување на градот, нагласувајќи дека горивото во гаражите на ЈСП е платено со парите на граѓаните и е наменето за автобускиот превоз.
„Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека, за разлика од минатото, сега жестоко се постапувало против криминалот и дека ќе продолжи борбата против корупцијата во градските претпријатија.

