Денес во Италија стапи на сила закон со кој се забранува носење бурки или никаби во училиштата, откако истиот беше конечно усвоен од италијанскиот Парламент.
Претставничкиот дом го усвои новиот закон со 142 гласа „за“ и 112 „против“, пренесе порталот Italia Oggi.
Горниот дом на Парламентот, Сенатот, претходно го одобри предлог-законот за образование.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони уште летово најави забрана за покривање на лицето во училиштата; Владата првично ја воведе оваа мерка преку уредба, која сега е заменета со овој закон.
Истовремено, воведено е ограничување од 30 отсто за странските ученици кои не зборуваат италијански јазик во рамките на едно одделение, а од родителите сега се бара да го научат италијанскиот јазик.
„Промовираме вистинска интеграција на странските ученици, заснована на познавање на италијанскиот јазик и почитување на заедничките правила. Вложуваме во образование засновано на почит, како и во борбата против врсничкото и дигиталното насилство. Го зајакнуваме учеството на учениците. Ова е училиштето какво што го сакаме“, изјави министерот за образование Џузепе Валдитара.
Тој додаде дека денешното гласање во Парламентот претставува и значаен показател за единството на мнозинството што ја поддржува италијанската Влада и нејзините реформски заложби.
Во Италија стапи на сила закон со кој се забранува носење бурки во училиштата

