Обвинетиот Кристијан Корабоски кој ја претепа својата девојка и во бесознание ја остави на улица денеска не се појави во судница. Судското рочиште е одложено, а причина е барањето на одбраната да се изземат сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Одбраната побара и изземање на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески, но ова барање не беше прифатено.
Според адвокатот на Сара, одбраната ова го прави само за да го одовлечи процесот и да се избегне одговорноста што ја има обвинетиот.
Бидејќи е побарано изземање на сите обвинители, вклучително и на јавниот обвинител кој постапува по предметот, во овој момент ниту еден од нив не може да постапува. Сметам дека ова е со цел одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста што ја има обвинетиот Кристијан Корабоски. Видовте дека не беше присутен во судницата. Тоа не е возможно, како што беше присутна оштетената, требаше да биде и тој. На наредните рочишта обвинетиот мора да се појави во судница и правда мора да има за овој случај, изјави адвокатот на Ѓорѓиеска, Ѓоко Шајн.
За барањето за изземање на основниот јавен обвинител треба да одлучи непосредно повисокото јавно обвинителство, по што ќе може да се одлучува и за изземањето на останатите обвинители.
Ново рочиште е закажано за 1 декември.

