Мрежата за заштита од дискриминација бара одговорност од претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, поради тоа што законските измени за подобрување на заштитата на жените од насилство, кои самата ги поднела со други пратенички, сè уште не се ставени на дневен ред.
Од Мрежата посочуваат дека седум месеци по одржувањето на надзорната расправа за заштита на жените од насилство сè уште нема заклучоци, додека три месеци по поднесувањето на предложените законски измени нема нивно усвојување.
„Каде се заклучоците од надзорната расправа? Зошто законските измени што самите ги поднесовте сè уште не се ставени на дневен ред?“, прашуваат од Мрежата.
Во обраќањето до Пешевска се наведува дека на 26 август 2026 година, заедно со други пратенички од ВМРО-ДПМНЕ, таа поднела измени на Законот за заштита од насилство врз жените, по скратена постапка, но речиси три месеци подоцна предлогот сè уште не е ставен на дневен ред.
„Кој го блокира и зошто молчите?“, прашуваат од Мрежата.
Тие потсетуваат и дека во 2026 година се регистрирани седум фемициди, оценувајќи дека родовата нееднаквост е во коренот на насилството врз жените.
Од организацијата отвораат прашање и за измените на образовните закони од април 2025 година, со кои, како што наведуваат, биле избришани одредбите за родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје и основите за заштита од дискриминација.
„Од претседателката на Комисијата за еднакви можности очекуваме конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените. Бараме одговорност и резултати!“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

