Левица ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет по службена должност и да ги испита околностите околу изборот на академски кадар на Факултетот за безбедност, откако, според партијата, студент на генерацијата со две магистерски дипломи и докторат повторно не бил избран на конкурсите за доцент.
Во соопштението Левица тврди дека станува збор за случај во кој предност добила Билјана Богданова-Смилевска, сопруга на актуелниот началник на СВР Охрид, кој бил именуван од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а за која партијата наведува и дека е активистка на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна кандидатка за советничка во Охрид.
Од Левица потсетуваат дека во 2024 година на конкурс за доцент бил избран Стевчо Јолакоски, кој, според нивните наводи, е баџанак на Тошковски, иако студентот на генерацијата имал просек 9,85, наспроти просекот од 8,02 на додипломските и 8,10 на магистерските студии на избраниот кандидат.
„Две магистерски дипломи и докторат не вредат колку роднинска врска со власта“, наведуваат од Левица.
Партијата тврди дека кандидатот кој повторно не бил избран има две магистерски дипломи, од кои едната од Универзитетот во Женева, докторат со просек 10,00, научноистражувачко и наставно искуство, како и професионален ангажман во безбедносниот сектор. Според соопштението, рецензентската комисија предноста на Богданова-Смилевска ја образложила со нејзиното наставно искуство.
Левица го поврзува случајот и со најавата на министерот Тошковски за директно вработување на најдобрите дипломирани студенти во МВР, оценувајќи дека тој треба да одговори на прашањата за можен непотизам во случаите во кои се споменуваат лица од неговото роднинско и партиско опкружување.
Од партијата бараат ДКСК да ги испита политичкото и роднинското влијание, евентуалниот судир на интереси и примената на критериумите за избор на академски кадар, како и да објави дали и како постапувала по случајот од 2024 година.

