Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска излезе со нови документи кои откриваат дополнителни поврзаности на луѓето од Алта груп со бизниси и фирми во Македонија.
Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, на прес-конференција изјави дека директорката на „Алта груп“ Татјана Бундало, која е во притвор во Србија, има регистрирано фирма во Македонија.
Имињата на овие луѓе кои се веќе приведени, Бундало и Мацура водат директно и до бизниси и фирми во Македонија. Еве го изводот од Централниот регистар: Татјана Бундало, директорка на Алта груп Белград која е приведена во Србија е сопственик на фирмата „Алта Реал Естате ДООЕЛ Скопје во Македонија. Дополнително, поврзана е и со фирмата Алта груп ДООЕЛ Скопје. Видете како се ширел октоподот на бизниси, влијанија, зделки и дилови на релација ВМРО-СНС, Мицкоски-Вучиќ за само кратко време, рече Фрчкоски.
Фрчкоски го повика и државниот јавен обвинител Ненад Савески да одговори зошто сè уште нема истрага за Алта банка Битола.
Зошто Обвинителството и Ненад Савески не преземаат ништо? Зошто нема истрага за Алта банка во Македонија? Зошто се молчи за кривичната пријава на СДСМ? Дали на овој начин се штитат Мицкоски, Славески и други инволвирани во Алта банка од одговорност? Со чување во фиока? Затоа Христијан Мицкоски вчера побегна од одговор на прашањето од претседателот Филипче за тоа со кого го правел дилот за влезот на Алта банка, рече Фрчкоски.

