Јавното обвинителство на Холандија започна истрага по извештајот на белгиските и холандските јавни сервиси, ВРТ и БНН ВАРА во повеќе европски земји, меѓу кои и Германија, Белгија, Данска, Холандија и Шведска, функционираат навидум обични боксерски клубови, но зад кулисите тие промовираат изразита неонацистичка идеологија.
Обвинителството истражува дали овие т.н. Активни клубови поддржуваат активности што промовираат дискриминација.
По објавувањето на прилогот холандката екстремно десничарска партија Форум за демократија веќе исклучи шест членови кои беа идентификувани во извештајот. Еден стоматолог е исто така привремено суспендиран затоа што ги отворил своите простории за неонацистички борби во кафези.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека започнало истрага како одговор на прилогот.
„Оваа истрага се спроведува во различни окружни обвинителства. Националниот центар за експертиза за дискриминација на Јавното обвинителство ги поддржува истрагите. Вклучен е и Центарот за експертиза за борба против дискриминација на полицијата“, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, се истражува ии дали е прекршен член 137ф од Кривичниот законик, кој гласи дека „секој што учествува во активности насочени кон дискриминирање на лица врз основа на нивната раса, религија, убедување, пол, сексуална ориентација или попреченост, или пак обезбедува финансиска или друга материјална поддршка за такви активности, ќе се казни со затвор во траење од најмногу три месеци или со парична казна од втора категорија“.
Активните клубови се екстремно десничарски борбени групи со неонацистичка идеологија. Идејата за нивно формирање потекнува од Роберт Рундо во САД.
Концептот се состои од групи млади мажи кои тренираат заедно и присуствуваат на демонстрации, каде што често се вклучени во насилство.
Ваквите клубови сега постојат во 26 земји. За само две до три години, мрежата брои 600 до 700 луѓе во Европа.
Тајните снимки откриваат дека небели луѓе не можат да се приклучат. Основачот и членовите негираат дека се опасни и велат дека се фокусираат исклучиво на здрава младина.

