Утре вечер на 26.11. 2026 во 19ч, во Фоајето на Културно Информативен Центар-Скопје, ќе биде отворена изложба на тема Порцеланот, чајот и кафето во културата на повоеното Скопје на авторките Јасминка Намичева, Екатерина Намичева Тодоровска и Јасмина Дамјановска.
Изложбата насловена „ТИВКИ РИТУАЛИ НА МОДЕРНОСТА“ ЧАЈ И КАФЕ ЗА НОВИОТ ГРАД, е подготвена во соработка на Здружението за архитектура, дизајн и култура Архифакт од Скопје чии членови се авторите на изложбата-Јасминка Намичева, Екатерина Намичева Тодоровска и Јасмина Дамјановска и Културно информативниот центар Скопје. Основната идеја на изложбата е преку прикажување на избрани оригинални предмети од индустрискиот дизајн -производи на фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ Титов Велес да се проследи развојот на дизајнот на порцеланските сетови за чај и кафе дизајнирани од реномираните индустриски дизајнери вработени во таа фабрика во периодот од 1955 год-2003год., што секако биле иницирани под влијание на интензивирањето и новиот начин на културата на пиењето чај и кафе во повоениот период на Скопје и воопшто во државата.
Порцеланскиот предмет најчесто го гледаме како нешто мало, секојдневно и познато: шолја, чинија, чајник, сервис. Но предметите од секојдневието, колку и да се фрагилни, имаат особена способност – да ја надживеат својата првична употреба и да станат сведоштва за времето во кое настанале.
Токму затоа оваа изложба не го поставува порцеланот само како материјал или како производ на една фабрика. Го чита како дел од културата на живеењето, како посредник меѓу индустријата и домот, меѓу дизајнот и секојдневието, меѓу општествената промена и личното сеќавање.
Во центарот на изложбата се порцеланските сервиси за чај и кафе произведени во Фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – Титов Велес. Но нивната приказна не завршува во фабриката. Од производствената линија тие продолжуваат кон домовите, трпезите и малите ритуали на едно општество кое по Втората светска војна забрзано го менува својот начин на живеење.
Изложбата ја следи токму таа патека: од создавањето на предметот, преку неговата употреба, до неговото претворање во сеќавање и трајна културна вредност.
Изложбата ќе биде отворена до 10.12. 2026 г.

