Администрацијата на САД се откажа од идејата за користење бизнис договорите со Русија како начин за ставање крај на војната во Украина, пренесува британскиот весник „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на изјави на европски функционери.
Според весникот, ова европските претставници им го пренеле американските специјални мировни пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои посочиле дека Вашингтон се решил на ваквиот потег Москва покажала мал интерес за деловните предлози во секторите на енергетика и на авијација.
„Фајненшел тајмс“ посочува дека сега наместо бизнис понуди САД се фокусираат на територијални прашања и безбедносни гаранции.
Во последните месеци, Кушнер и Виткоф предлагаа вклучување на американски компании во нафтени проекти во Русија и во заедничко производство на титаниум, обнова на испораката на руски гас за Европа преку гасоводи, како и отворање на рускиот воздушен простор за американските авиокомпании.
Првично, руските претставници позитивно реагираа на предлозите, гледајќи ги како начин да го задржат вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп. Но, подоцна, според изворите на „Фајненшл тајмс“, Кремљ изгубил интерес за нив и се фокусирал на барање територијални и други отстапки од Украина.
За време на последната рунда преговори во Абу Даби, на почетокот на ноември, руската страна само ги заостри своите барања, ставајќи им до знаење на Американците дека Путин не е подготвен да го омекне својот став во замена за економски договори.
Истовремено, се чини дека Москва смета на тоа оти мировниот договор ќе доведе до ублажување на санкциите и ќе им овозможи на странските компании да се вратат на рускиот пазар. Според еден од соговорниците на „Фајненшел тајмс“, САД преминале кон „потрадиционален пристап“ во преговорите, кој подразбира формат „земја за мир“.
Меѓутоа, американски функционер информациите на „Фајненшел тајмс“ ги оцени како неточни и увери дека повоената економска соработка со Русија останува еден од елементите на преговорите.

