Чудно е зошто американскиот претседател Доналд Трамп е толку достапен за рускиот лидер Владимир Путин, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Би-Би-Си
„Не можете да бидете пријатели со агресор, со убиец. Тоа е исто како да го наречете Адолф Хитлер пријател за време на Втората светска војна. Тоа едноставно не е можно“, изјави Зеленски.
На претходна реакција на Зеленски на изјавата на Трамп во која буквално го нарече Путин „свој пријател“, американскиот претседател одговори дека е важно да се одржат добри лични односи доколку се сака да постигне договор за ставање крај на војната во Украина.
„Морате да разберете една работа: ние сакаме да склучиме договор. Сакаме да го запреме убивањето. Би можел сега да кажам дека тој не ми е пријател, но јас едноставно сакам да постигнам договор. Русија и Украина губат по 25.000 луѓе секој месец“, изјави Трамп.
Притоа, тој нагласи и дека рускиот претседател е добредојден на следниот самит на Г20, кој ќе се одржи на 14 и 15 декември во Мајами. „Има многу луѓе на кои тоа не би им се допаднало, но ако зависи од мене, тој е добредојден“, изјави Трамп.
Во интервју за Би-Би-Си, Зеленски покажува и дека неговата фрустрацијата е подлабока од самото „пријателство“ меѓу Трамп и Путин, посоќувајќи дека не може да разбере зошто ветените ракети „Патриот“ не стигнуваат до Украина, и иако платени од страна на европските партнери, сè уште стојат европските складишта веќе со недели чекајќи официјалното одобрение од Пентагон и од секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет.
„Фактот што тоа оружје не е кај нас, не чини човечки животи. Жално е што САД се фокусираат на Блискиот Исток и им помагаат повеќе на тие земји. Имам сериозни прашања во врска со тоа“, вели Зеленски.
На Украина ѝ се потребни ракетите „Патриот“ за да се справи со руските балистички ракети и да соборува брзи дронови на млазен погон. Русија сè почесто го користи ова оружје за напади врз украинската инфраструктура, како што се електраните и мостовите. Но, поради глобалниот недостиг на ракети „Патриот“, Пентагон сега ја одложува испораката.
Покрај тоа, Зеленски повторува дека сè уште постојат проблеми со „Старшилд“, воената верзија на мрежа на „Старлинк“ на компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск. Украина ја користи оваа мрежа за управување со своите беспилотни летала и оружје за борба против дронови, но поради ограничување на брзината, операторите повеќе не можат да комуницираат со тие уреди.
Според Зеленски, тоа не е случајно.
„Технички гледано, дали „СпејсИкс“ е политика? Не знам, навистина не знам. Тоа е бесконечна игра на префрлање одговорност. Ние бараме нешто, а тие велат дека ситуацијата е поинаква“, посочи Зеленски.
Украина се соочува со петтата зима од почетокот на војната. Бидејќи фокусот на руските напади е насочен кон енергетската инфраструктура, илјадници украински семејства се соочуваат со ризикот претстојната зима да ја дочекаат со прекини во снабдувањето со електрична енергија. Со температури што паѓаат далеку под нулата, ова се заканува со тежок период за многу семејства.
Но, ситуацијата е сериозна и за Русија. Во последните недели, Украина во неколку наврати успеа да погоди големи руски рафинерии за нафта. Иако податоците варираат, се проценува дека околу половина од рафинериите се оштетени и се соочуваат со пореметувања поради тековните напади. Ова има значително влијание врз руската економија, снабдувањето на руската војска, како и врз меѓународниот пазар на нафта.
Затоа, се очекува тешка битка: не само на бојното поле и надвор од него, туку и на преговарачката маса. Иако и Русија и Украина изјавуваат дека се подготвени да преговараат за траен мир, во пракса речиси и да нема знаци за такво нешто. Особено проблематично прашање останува учеството на Европа во преговорите.
Според Зеленски, јасно е што треба да се случи. „Притисокот врз Русија од страна на САД не е доволно силен. Не станува збор за пријатни разговори. Станува збор за моќна земја која може да изврши притисок, бидејќи поседува сила и ужива почит“, заклучува Зеленски.

